Утринско кафе со Горан Ѓоргоноски: Мојата девиза е да ги направам среќни луѓето околу себе

Првото утринско кафе во принцип секогаш е различно, зависи од денот. Во работен ден може да се случи да биде со моите вработени во нашата „база“ каде што работиме, но и со луѓето со кои соработувам на деловен состанок.

За викенд моето утринско кафе го пијам со сопругата Николина.


Ме мотивира успехот, што и да значи тоа во моментот. Да се биде подобар од претходниот ден, реализирајќи ја мојата девиза да ги направам среќни и задоволни луѓето околу себе. Без разлика дали се тоа луѓето од мојот професионален живот или семејството. Да бидам искрен, тоа е многу тешка задача.

Од деловен аспект обврските се движат во делот на ракометот и маркетингот, како две основни дејности каде делувам и сум ангажиран. Секако тука е и малата Нина, која е во центар на нашето внимание, со своите потреби во различна фаза од нејзината возраст. Во принцип немам работно време и во текот на целиот ден имам обврски. Тој начин одговара на мојот темперамент и филозофија на гледање на работите околу тоа како треба да изгледа еден ден.

Имајќи ја предвид сосотајбата со Ковид пандемијата и возраста на ќерка ми,навечер сум генерално во домот со моите најблиски, адаптирајќи се на потребите на малата и сумирајќи впечатоци од денот кој поминал. 

Во последно време гледам филм, откако имаме нов член на семејството поретко посегнувам по книга. Но, генерално не сум темперамент за гледање цел филм, многу е долг за мој вкус.


Ракометот е моја опсесија. Со новите системи на натпреварување во Македонија и пошироко, натпревари има скоро секој ден. НБА лигата е исто мое поле на интерес како спорт, за разлика од фудбалот кој последните години воопшто не го следам. Премногу е монотон за мој вкус.


(*Горан Ѓоргоноски - Менаџер на маркетинг агенцијата КМГ Груп Спорт и поранешен ракометен репрезентативец)