Утринско кафе со Горан Наумовски : Секој ден ми е со нова динамика

Секој работен ден ми започнува во 7 часот наутро, нормално по туширањето и подготовките за на работа тука е појадокот, и првото утринско кафе кое обично го пијам набрзина. Второто кафе го пијам веднаш штом стасам на работа со колегите од Македонската опера и балет, прегледувајќи стигнати пораки или правејќи план за дневните обврски и задачи кои што треба да се завршат.

Ме мотивираат позитивни и креативни луѓе, вистинските пријателства, несебичноста и човечноста кога ќе ја пронајдам кај другите луѓе. И покрај големите предизвици со кои што сум морал да се соочам во текот на мојот живот, себеси се сметам за оптимист кој го сака животот и се радувам на сите оние мали работи кои што не прават среќни. Ме мотивираат убавата музика, концертите, патувањата.. Секогаш кога сум во можност сакам да отпатувам на некое ново место, да запознаам нова култура, да ја пробам нивната традиционална кујна.

Како вработен во Македонската опера и балет можам да кажам дека секој работен ден е исполнет со своја динамика во однос на претстојните проекти и претстави. Иако мојата работа е информатичар, и покрај моите секојдневни задачи од областа на информатиката и блиската соработка со службата за маркетинг, можам да кажам дека сум среќен што работам во најголемата национална установа од областа на културата и имам можност за директендопир со музиката, операта и балетот. Засреќа, не постои едноличен и здодевен ден, напротив динамичен работен ден.

Денот најчесто ми завршува во дружба со мојата внука Теона, со која уживам да си раскажеме на кого како му поминал денот. Доколку вечерта имам некаков настап го повторувам утринскиот ритуал, подготовка за настап и уште едно кафе кое ќе ме држи буден за настапот.Пеењето како моја споредна работа и воедно моја љубов, дружбата и музицирањето со колегите музичари, како и дружбата со моите пријатели кои дошле на мојот настап за мене претставува одличен начин да се заврши вечерта.

Најчесто секој ден ми е прилично динамичен, така што кога конечно сум дома, обично и преморен, пред спиење сакам да се опуштам со некоја од моите омилени серии, која често и не успевам да ја догледам! J Летните одмори ми се период кога сакам малку да се дистанцирам од компјутерот и телефонот и да се опуштам со добра книга.