Утринско кафе со Гордана Дувњак: Мој најголем мотив се синовите

Ги сакам утрата.Тие се мојот најомилен и најпродуктивен дел од денот.Откако ќе ги испратам домашните на работа нешто пред 8 часот,наредните час и половина си ги посветувам себеси.На моите омилени ритуали;чаша млака вода со лимон,појадок и голем филџан турско (македонско кафе) без шеќер.

Од хроно исхраната,која ја практикував извесно време и покажа определени резултати,се откажав уште пред повеќе од една година,најмногу заради сопствената недоследност и неможноста во определен временски интервал да имам оброци.Но,ми остана навиката појадокот да го темпирам до 9 часот пред да го испијам првото кафе.Тешко се откажувам од навиката да изедам едно до две парчиња безквасен леб со многу семки, премачкан со путер и тенко парче сланина и кајмак.Тоа ми дава енергија да го поминам полесно денот.


Кафето го пијам сама и со уживање.Го сакам топло,густо,а го густирам до последната капка.Додека го пијам кафето вртам по каналите,проверувам мејлови на лаптоп и дали има нешто интересно по социјалните мрежи.Ги  проверувам најавите за дневни настани,за да можам да ги планирам дневните обврски.Се случува и да завршам некоја домашна обврска,како пуштање на машина  за перење на скратен програм,празнење на машината за садови,а понекогаш и дури да ставам  нешто да се вари или пече од планираниот оброк за ручек.Туширање,облекување....И денот може да почне,дури и кога знае да приреди изненадување. 


Мој најголем мотив се синовите,27-годишните близнаци Мартин и Стефан.Дури и во време на најголеми порази и загуби,тие ми биле и се единствениот мотив да станам од кревет,дури  и кога не ми е до ништо или ми се чини дека „целиот свет сковал завера против мене“.Доволна е нивната силна прегратка и  поддршка.Срцето ми е полно со љубов и гордост кога со сериозен и уверлив глас ќе ми речат :„не се грижи,не имаш нас за се“.Во тој момент целиот свет е мој,неможното станува можно,желбите остварливи.Дури и загубата на најмилите,пропаѓањето на фирмата во која работев од првиот ден и ги вложив најубавите професионални години,се чинат подносливи.Тргнуваш со крената глава во  нов почеток и предизвик.

Понекогаш може да мотивира и убава вест за блиски луѓе,музика,па дури и мириси.Се трудам да бидам колку можам позитивна и да не дозволам да се наполнам со негативна енергија  и „отрови“ кои разоруваат.

Од неодамна сум дел од екипата на новатателевизија 1tv.mk BMJ Media Group,која  што треба да  даде (како што гласи нашата кампања) нова димензија во медиумскиот простор.Според најавите,новиот медиум треба да почне да зрачи од 29 март, што по некоја случајност е  ден по мојот роденден.И тука знам да си најдам симболика,што ми предизвикува дополнителна радост  и возбуда.Уште повеќе  што ова  е за мене  нов и помалку непознат терен,бидејќи целиот свој работен стаж (со мали исклучоци од почетокот на кариерата кога хонорарно работев во МТВ) ги поминав во печатени медиуми.Девет години во „Нова Македонија“ и речиси 17 години во „Утрински весник“ каде работев од првиот ден како новинар  и уредник.Минатата година  ми беше особено стресна,заради згаснувањето на изданијата на МПМ и неколку нови почетоци.Последниот- заеднички специјализиран сајт ПРАВОСУДСТВО.МК со колегата Љубиша Станковиќ.

Најновиот мој предизвик е авторска емисија,чиј работен наслов е  „Правда и неправда“ и треба да се емитува не само преку интернет платформа,туку и преку кабловски оператори.Ме убедуваат дека и јас нема да можам да и оддолеам на магијата на телевизијата и на „окото на камерата“,на кое засега му пристапувам малку воздржано и со надеж дека ќе станеме пријатели.

Она што  ми дава дополнителен поттик е што сум опкружена со  прекрасни луѓе со убава енергија,кои имаат многу идеи ,но и желба да направат нешто поинакво и креативно.



Денот го поминувам со моите најблиски,во разговори како сме си го поминале денот,но и планови за натаму.Ретки се деновите кога вечерите ги поминувам сама,бидејќи  гледам да им посветам доволно време  и на пријателите и фамилијата.Често одам во кино и театар,но и на концерти.Понекогаш денот сакам да го завршам  дома,или на  вечера во пријателска атмосфера со чаша црвено вино. 



Сакам и едно и друго,бидејќи едното не го исклучува другото.Во зависност од расположението и времето,знам да погледнам добар филм или серија.Но,често ми се случува онака опуштена  и релаксирана да заспијам покрај телевизор,бидејки ми делува седативно.Се префлам в кревет,плашејќи се  да не се расонам,затоа што потоа тешко презаспивам.

Местото до библиотеката е моето омилено место во станот,каде знам да си земам некоја омилена книга и онака стуткана да се препуштам на уживање.Бидејќи,сум визуелен тип на човек,веднаш пред очите си правам „сопствен филм“ пропратен со соодветна музика,во која што сум јас сценарист,режисер,но и директор на музика.Само така доживувањето е целосно и комплетно.