Утринско кафе со Христина Џамбазовска Анастасов: Моето семејство е мојата мотивација

Денот ми започнува динамично од самото утро, а верувам како и на секоја семејна жена која се обидува успешно да избалансира помеѓу семејните и деловните обврски. Затоа, најчесто првото утринско кафе го пијам на работа, додека ги проверувам пристигнатите мејлови и го подготвувам распоредот на обврски за денот кој престои.

Моето семејство е мојата мотивација и изворот од каде ја црпам енергијата. Поддршката која ја добивам од целата фамилија е во голема мера заслужна за мојот успех, но најмногу поддршката од сопругот ми е дополнителна мотивација за да успеам да ги избалансирам сите предизвици и на работа, но и во секојдневието кои се појавуваат.


Од друга страна мојата работа е мојот втор дом, таа ме исполнува, ја работам со огромна љубов, но огромен мотив за мене се колегите со кои соработувам. Фактот што работам со луѓе професионалци, амбициозни и ентузијасти, а во компанија која е лидер на пазарот за животно осигурување е дополнителна инспирација за мене и она што ми дава енергија да продолжам.

За мене секој ден е различен. Токму затоа ја сакам мојата работа, затоа што секој ден со себе носи различна агенда и различни планови и обврски. Првиот дел од денот ми е исполнет со работните обврски, секој ден нови предизвици, па попладнето ми е резервирано за семејството, особено за децата кога најпрво посветувам време за училишните обврски на Кјара, а потоа се дружиме и играме заедно со Кјара и Дарио. Тоа ми е и омилениот дел од денот.


Денот најчесто ми завршува во кругот на семејството. Претежно тоа е дел од денот во кои фамилијарно имаме заеднички активности. Често играме друштвени игри со децата. Тоа се моментите кога едноставно сакам да слушнам како моите најмили го поминале денот.

Викендите ни се резервирани за пријателите и пошироката фамилија. Дружењето во викендите најчесто почнува со договорен ручек, но секогаш преминува во дружење до доцните вечерни часови во опуштена атмосфера со музика и многу смеа. Тоа се тие мигови кои ја даваат смислата на животот.


Љубител сум и на книгите и на кинематографијата. Сакам кога нема да ме остави рамнодушна некоја добра книга или добар филм, кога ќе ме инспирираат со нивната содржина. Знам да се опуштам навечер со некој добар филм, а често за време на викендите заедно со децата одиме во кино. Книгите го добиваат моето внимание претежно во летниот период, кога најчесто читам стручна литература или некој роман од листата на бестселери.


*Христина Џамбазовска Анастасов-Директор за деловни операции и потпорни процеси