Утринско кафе со Христина Лозаноска: Чувствувам неисцрпен оптимизам за нови предизвици

Денот ми започнува и ми завршува со љубов. Моите најмили се моето богатство и мотив за работа и движење напред во секој нареден ден! Наутро чувствувам неисцрпен оптимизам и животна сила за нови предизвици. Ги сакам утрата кои можам да ги започнам барем со неколку гушкања и да испијам и второ кафе од(со) љубов како продолжување на моментот на будење на сите сетила. Дури потоа се препуштам на обврските. Денот со обврските е како река која тече, штом згазнеш во неа те повлекува со случувања и предизвици. Мојата животна филозофија е да се чувствувам природно и да уживам во се' што правам, приватно и професионално, и преку посветеноста и квалитетот што ги создавам преку своето делување и градење на тимот со исти вредности, да обезбедам одржливост во спонтаноста и неизвесноста на живеењето. Верувам во долгорочни и искрени партнерски релации и соработка.

Водењето на ВИТА Институт, каде работиме на развој на програми за менаџмент консалтинг, бизнис коучинг и професионална едукација, ми нуди диверзификација на дневни активности, можности за соработка со исклучителни луѓе и компании, но во исто време бара и голема посветеност и добра  организација.

Воедно како активен член на одборот на Македонската асоцијација за човечки ресурси, делувам и волонтерски за промоција на професиите: менаџер за човечки ресурси и професионален коуч, а денеска, во хотел Хилтон, Скопје, ја организираме и 11-та големата Интернационална HR Конференција

По природа сум личност која се чувствува комотно токму во таква состојба на менаџирање на тематски различни активности и тимови, и имам вродено чувство за поврзување на визионерството со тековните активности и градење на потребниот networking.

Професионалната зрелост кај себе ја препознавам во селективниот однос кон работата и соработниците, големите работи не се случуваат секој ден, но за да се случат потребно е визионерство, лидерство, вистински луѓе и акција.

Ме мотивира да споделувам визии за напредок, креативни и визулени концепти кои поврзуваат, градат, освестуваат, и влијаат околу мене, до таму до каде што ќе допре мојата енергија и моето знаење. Наоѓам убавина во различностите, ме мотивира да го согледувам значењето на нештата од различни перспективи, да овозможам будење на потенцијалот со кој ќе дојдам во допир, дали е тоа потенцијалот за растење на личноста со која работам коучинг, да придонесам за отклучување на тој потенцијал. Се радувам на туѓиот напредок, туѓите достигнувања за кои сум добила привилегија да бидат споделени со мене. Верувам во луѓето и во нивната сила да се изборат за подобар живот, поубав свет, без разлика од која појдовна позиција почнуваме да се будиме, напредокот е секогаш возможен. Исто така, ме радува да бидам дел од тимски или организациски промени, каде мојата улога е да помогнам во формирање неутрална, „мета“ позиција од која појасно и пообјективно се гледаат заедничките интереси на сите припадници на тимот и/или компанијата, се освестуваат заедничките мисии и се пронаоѓаат нови и поуспешни стратегии за работа и соработка.

Ме мотивира можоста да патувам, да запознавам нови места, култури и луѓе, се чувствувам побогата со нови животни искуства исполнети со љубов и убавини.

И на крајот како мајка, најголема сатисфакција ми е да бидам активен чинител во растењето и воспитувањето на моите деца, Калина, Огнен и Галена, заедно да бидеме вистинска поддршка во нивниот личен развој и себеоткривање, каде секое нивно и најмало достигнување и прогрес е наша заедничка најголема среќа!!! Заедничките моменти кога сите сме заедно, се бесценети!!! Горда сум на овие искрени личности со модерни и отворени сфаќања, кои се околу мене!

Претежно читам книги кои го задоволуваат моето љубопитство поврзано со изучување на коучингот како моја последна професионална пасија, особено што оваа професија е многу млада, и бара и теоретско и искуствено надоградување. Сакам да гледам добар филм, но многу често ако не е доволно интересен, знам и да заспијам на сред филм без проблем.

Попладневните часови и вечерта претставуваат периоди на опуштање и уживање, преку што ја неутрализирам тензијата која се создава во текот на динамичните работни часови, со чаша добро вино и разговор со најблиските, и убава музика во позадина, а за храната најчесто се грижам јас бидејќи уживам во готвењето.

* Христина Лозаноска, Бизнис коуч/ HR ментор/ сопственик на ВИТА Институт за едукација, менаџмент консалтинг и коучинг