Утринско кафе со Ирина Батковска Борозанова: Мојот одмор е моето хоби- трчање на кеј

Едно од нештата на кои не можам да одолеам е мирисот на свежо подготвено кафе. За инстант утринска насмевка тоа е она што ми е потребно. Краток преглед на вестите на денот и работните мејлови и веќе сум на пат кон Johnson Matthey Clean Air ,фабриката за производство на каталитички конвертори во индустриската зона Бунарџик. Инструменталните методи и аналитиката е моето поле на интерес и речиси 10 години сум дел од одделот Контрола на квалитет во Johnson Matthey. Благодарение на тимот со којшто работам секојдневните предизвици на работа ги доживувам како можност за постојано надградба на професионалното знаење.

Работата во лабораторија со константен внес и обработка на многу податоци е интересна, но исто така наметнува потреба од мал одмор по завршувањето. Мојот одмор е моето хоби-едноставно, трчање на кеј. Во текот на работната недела , едночасовно трчање за мене е доволно да ги одморам моите мисли и да направам рефлексија на самата себе. Не за џабе е кажано дека трчањето не е само физичка туку и ментална вежба.


Светот се менува поради пандемијата со Ковид 19 , што секако бара од нас луѓето да се адаптираме на најдобар можен начин на таа промена и да го задржиме рационалното и конструктивно размислување. Моето хоби ми помага во ова.

И додека на многумина се уште им е чудно како може човек да се “одмара” трчајќи би советувала:  трчањето е активност за којашто треба еден пар патики, може да се практикува колку се сака и каде се сака и не треба посебна организација и друштво за истата.

Токму тоа беше причината поради којашто почнав да го применувам ова хоби пред шест години.Како мајка на тогаш десетгодишни близнаци и работа од 8 часот наутро до 17 попладне и близината на кејот на реката Вардар, каде живеам ,трчањето беше мојот избор број еден. Секако дека почнав со одвај 3 км, а по 6 го истрчав мојот прв полумаратон во Будимпешта. Во 2017 следеше и моето маратонско деби во Љубљана. 

Она што направи да се вљубам во 42 та километри, беше големата поддршка и бодрење меѓу учеснците на еден маратон, без разлика што сите тие доаѓаат од различни страни на светот и говорат различен јазик. Таа сплотеност на различности со цел да се дојде до финиш линијата, е незаменлива и ретка во материјалниов свет што не опкружува.Посебно се радувам што во овие шест години, бројот на жени учеснички на маратон константно се зголемува што покажува поголема посветеност и свесност за оддржување на физичкото и менталното здравје.


И како и после секое спортување вечерата е неизбежна и како главен настан на собирање на фамилијата во еден работен ден, секој по нешто споделува и раскажува -посебно време да се натераат двајцата тинејџери да споделат еден мал дел од нивните теми на интерес.

Секој ден е различен и во зависност од семејните обврски се доисполнува со добар филм, вообичаено по избор на мојот сопруг. Или секој си ја дочитува симнатата книга на Kindle, мој предлог посебно за оние кои се заинтерсирани како да се справат со Промените во нивната организација на работа –“However” од  Leandro Herrero.


(*Ирина Батковска Борозанова, лабораториски технички специјалист во Johnson Matthey Clean Air, Македонија)