Утринско кафе со Ирма Велковска: Постојано сум во тек со најновите модни трендови

Добивај вести на Viber

Денот ми започнува со насмеаниот лик на Бен, мојот златен ретривер. Весел аларм кој не може да те изнервира, а и да го игнорираш (можам максимум два до три пати да му направам „snooze“). А веќе подолго време утринскиот ритуал ми започнува во „Drip“, место кое ми го смени мислењето и вкусот за вистинско кафе. Најдоброто еспресо и капучино ќе го најдете таму, а атмосферата е скроз автентична. Преку недела, првото кафе го пијам во придружба на Петар за појадок и пауза.

Освен што се будам со социјалните мрежи, со нив сум и постојано во текот на денот, професионално. Поголемиот дел од работата ми е менаџирањето на страните на брендовите на „Fashion Group“, па така постојано сум во тек со најновите модни трендови, ме исполнува тоа што ги знам и новитетите и парчињата уште пред да бидат достапни во продавниците. Текот на денот се одвива во постојана комуникација со вработени, соработници, медиуми, а после работа брзам да стигнам на вежбање или да се шетам со Бен.

Ме мотивира мојот партнер, сестра ми и нејзинатата „Lipa ceramics“, добар дизајн, вежбањето во „Тринити“, луѓе кои се откажале од конвенционалниот систем на работење и се осмелиле да изградат свој сопствен бренд/бизнис, џез музика, патувања, природата...

Вечерта најчесто ми завршува со вино и мезе, со партнерот, а и во друштво со различни пријатели и добра музика. 

Филм, книга, серија, не бирам, го правам тоа што во моментот ми е најинтересно, но секогаш мора да имам по една-две тековни серии кои си ги пуштам, ако не ми испаднат плановите за излегување. До скоро бев опседната со „Stranger Things“, „all time favorite“ ми е „Mad Men“, а додека чекам да излезе новата сезона на „Game of Thrones“, се тешам со читање на последниот дел од истоимената серија. 


 Фото: Ани и Дими

( Ирма Велковска- маркетинг координатор во „Fashion Group“)