Утринско кафе со Иван Беќковиќ: Диџеј сум на афтер-парти во семеен амбиент

Станувам релативно рано, околу 6.30 и тогаш започнува мојот утрински ритуал. Тоа во превод значи дека подготвувам кафе за сите дома, цедам лимони и портокали. Ги ранам мачорите Џорџ и Џинџер, и веќе е време малтешката пудлица Бела да прошета по дворот. 

Го будам синот Максим, и по неговиот појадок, го испраќам во школо. Часот е веќе 7.30, и можам да му се посветам на кафето, кое го пијам со некој домашен што е станат. Најчесто со сопругата Маја. И секако, со Прва ТВ и Јована и Срѓан. 

Најновите фотографии и видеа на внуката Ниа, кои ми ги испрати ќерка ми Маша и затот Коџо, се одлична мотивација за секој нов ден. Ме восхитува тоа волшебно чудо на животот. 

Мојата дневна агенда не е напорна, но бара посветеност. Секојдневно од дирекцијата на „Кроација Рекордс“ во Загреб добивам по неколку мејла. Дел од пристигнатите материјали се сигурно наменети за домашните медиуми. Ги адаптирам, ги испраќам, на радио-станиците доставувам нови синглови и албуми. Внимавам што од изданијата е ново и работам на случајот што поскоро да го имаат и македонските фанови. Во постојана комуникација и кореспонденција со многу соработници. А тука се редовно и состаноци и средби. 

Денот официјално завршува откако Максим ќе ги исполни училишните обврски. Афтер-партито е главно во семеен амбиент, најчесто со музика или телевизиска програма. Воглавно јас сум диџејот. 

За филмови и серии главно е задолжена Маја, која, се надевам, наскоро ќе добие признание од „Нетфликс“ за најредовен нивен консумент. Само да не сум претерано уморен, за серија или филм. А, што се однесува до читањето, јас како пасиониран зависник од книгите, не можам да заспијам без, барем десетина прочитани страници.

* Иван Беќковиќ, долгогодишен новинар и уредник, актуелен супервизор во „Кроација Рекордс“. Среќно оженет за Маја, татко на Маша, Матија и Максим, а најмногу горд како дедо на Ниа