Утринско кафе со Ивана Милошевска Цинцароска: Позитивната енергија во тимот е клучна за успехот

Денот ми започнува прилично рано со мојот мал будилник што носи слатки пижами и ми се смее штом ќе станам. После утринското гушкање заедно ги будиме сопругот и поголемата ќеркичка и тука започнува олимписката дисциплина спремање за работа со две мали деца. Среќа што со сопругот сме многу добро синхронизиран тим и успеваме брзо да се спремиме и секој да стигне на време каде што треба.

Во текот на неделата првото кафе го пијам на работа, сама, додека дојдат останатите членови од тимот и правам план и распоред за тековниот ден. Додека пак за викенд првото кафе е секогаш резервирано за сопругот.

Работниот ден продолжува со иста динамика како и утрото и најчесто е исполнет со продажни состаноци, координирање со тимот и грижа за клиентите кои се секогаш на прво место. Среќна сум што работам со тим од прекрасни луѓе чиј ентузијазам и мотивација за работа се заразни. Позитивната енергија во тимот е клучна за успехот. Кога има позитивна енергија и синергија сите предизвици во работењето полесно се совладуваат и одењето на работа е вистинско задоволство. Клучно во сѐ ова е и средината за работа која компанијата ни ја овозможува и компаниската култура која сите заедно ја градиме. Кроациа Осигурување знае да препознае потенцијал, вложува во своите вработени и им овозможува кариерен раст и развој.

Отсекогаш сум била амбициозна и сум си ги остварувала зацртаните цели. Најголема мотивација за тоа ми е семејството, а особено сопругот кој секогаш безрезервно ме поддржувал и ме охрабрувал да бидам успешна. 

Ме мотивираат моите родители кои секогаш се тука за мене, моите деца Калина и Ведран на кои сакам да им бидам пример дека во животот ако се сака сѐ се може. Тука секако не можам да ги заборавам членовите од тимот чии успеси и достигнувања ме мотивираат и радуваат повеќе од своите.

Во втората половина од денот за мене почнува нов ден, каде компјутерот и документите се заменуваат со играчки, боенки, сложувалки, книги. Уживам во секој миг дома и се радувам на пролетта и убавото време што доаѓа за прошетки, возење велосипед и играње надвор. 

На крајот од денот правилото дома е девет во кревет. Откако ќе заспијат децата гледаме со сопругот секогаш да одвоиме време за нас, споделуваме како ни поминал денот и правиме план за обврските за следниот ден. На крај, ако остане време гледам и серија и уживам во тишината.

*Ивана Милошевска Цинцароска - менаџер за интерна продажна мрежа во Кроациа Осигурување