Утринско кафе со Ивана Стојановска Милеска: Сакам да ги правам луѓето среќни

Бакнежот на Лена, мојата ќерка, ми е будилник по којшто следат вообичаените подготовки за почеток на денот. Тековниот распоред со вообичаени обврски секогаш сакам да си го зачинам со некоја мала радост за да разбијам монотонија и деновите да ми се разликуваат еден од друг. Првото утринско кафе ми е најслатко во друштво на моите колешки во основното училиште во коешто работам како стручен соработник- социолог.

Сакам да правам работи во коишто уживам. Сакам да бидам опкружена со убави луѓе, насмеани, расположени, дотерани... Сакам да ги правам луѓето среќни! Мојот Инстаграм профил (или Инста блог) @7to3fashion служи за да им олесни на жените во комбинирање различни парчиња облека, да ги мотивира, да им покаже дека кога сте убаво облечени, тогаш и потешките работни обврски се полесни за извршување.

Секогаш имам изготвен план за претстојниот ден и најчесто не отстапувам од зацртаните цели, на таа моја особина сакам да ги научам и учениците со кои работам.

Слободното време го користам за едукативни игри со мојата ќерка, изработувам и накит од мерино волна- венчиња, брошеви, ланчиња, обетки, но и разни украси, кои ги продавам во мојата онлајн продавница woolloow.mk. Навистина ме радува големиот интерес и почитта кон рачните изработки.  

Ретроспективата на добро завршени обврски ми е потврда за успешен ден. Во текот на вечерта по дружењето со моето семејство, си посветувам внимание и себе си- некои мали ритуали за убавина и опуштање.

*брошот панда во комплет со венче за коса во бела боја може да ги добиете како подарок на активниот giveaway на @zenskimagazin.mk

Помеѓу книга и филм, секогаш избирам книга. Кога сакам да одморам од стручната литература, избирам интересни животни приказни, а често знам да се почестам и со некое мотивирачко четиво. ,,Храбри наместо совршени” од Решма Саџани е книга која ја препорачувам на секоја жена која сака да чекори напред и да цели високо.


(*Ивана Стојановска Милеска- социолог и сопственик на онлајн продавница за накит и украси од мерино волна)