Утринско кафе со Ивана Тасев: Ме изморува социјализација во последно време

Сакам во тишина да го испијам првото кафе. Доколку сандачето ми е полно со професионални пораки веднаш се препуштам на работа, ако утрото не носи многу обврски во тој случај сакам он лајн да го прочитам „New Yorker“ и „Guardian“, да ги просурфам музеите за современа уметност низ светот, да ги наполнам очите со уметнички дела и настани за кои тука најчесто можеме само да прочитаме. Работата ми е таква што морам секојдневно да ги следам и македонските агрегатори за вести. 

Во последно време некако се уморив од потрагата по мотивација, бидејќи сѐ поретко ја наоѓам. Веројатно со годините и зрелоста, критериумите се изоструваат, па човек станува рестриктивен во тоа што може вистински да го мотивира. Говорам за себе. Работата не ја вбројувам во мотивација, бидејќи работа е работа и имам чип во главата дека мора беспрекорно да се заврши без дивергирање и импровизација.   

Моите дневни планови и обврски зависат од клиентите за кои работам како човек за односи со јавноста. Природата на мојата професија е таква што немам определено работно време. Многу често викендите не ги користам за одмор. Понекогаш денот го поминувам по состаноци, има денови кога треба концентрирано да истражувам за одредена област и да пишувам... Денови кога морам агилно да ги мобилизирам моите колеги - новинари за одредена конференција за печат и такви денови кога сум одговорна околу целокупна организација на некој настан. Многу често имам задача да креирам пишани соопштенија по одреден повод, информации со кои ги комуницирам сите постоечки медиуми во земјава, организација и координација на  интервјуа било за телевизија, веб портал или печатен медиум... И такви денови кога треба на новинарите да им ја доближам работата на моите клиенти, на пример да ги однесам на филмски сет да ја почувствуваат атмосферата да земат изјави и интервјуа од филмаџиите... Доколку работам на некој проект од корпоративна општествена одговорност (што ми е омилен дел од работата) вложувам енергија на суптилен начин да ја подигнам и дисперзирам свеста за хуманост и споделување. Шаренолико во секој случај. Најчесто работам ПР симултано за неколку клиенти одеднаш, и за тоа е навистина потребна огромна одговорност и посветеност, концентрација да се „прешалтувам“ од една на друга емоција, од една на друга област. 

Вечерта ми завршува онака како што го почнувам денот. Во тишина најчесто. Сакам да контемплирам. Ме изморува социјализација во последно време. Нема попродуктивно „потрошено“ слободно време од филм, серија и книга.


(Ивана Тасев, новинарка и човек за односи со јавноста - ПР)

* Облечена во најновата колекција на модниот бренд Bella