Утринско кафе со Ивона Муфишева: Во животот не направив договор со неколку работи

Работниот ден ми почнува со утрински подготовки и со избор што да се облече. Често знам да се пошегувам на своја сметка,дека во животот не „направив договор” со неколку работи, меѓукои и со временските прилики. Првото утринско кафе го пијам со колегите, кое вообичаено преминува во колегиум со организирање и план околу дневната работна агенда. 

Во викендите пак, првото утринско кафе го пијам со ќерка ми Нина, опуштено во пижами и радосни, што немора никаде да брзаме. Слушаме музика и се договараме што следно ќе правиме. За време на викенд, има денови кои ги започнувам со утринско трчање или пешачење рано наутро. Потоа пиењето кафе е навистина лезетско. 

На тема кафе неможам, а да не споменам дека другарка ми Горде вели дека сум била вистинска кафеџика. Сакам убаво кафе со кексче, уживајќи во секоја негова голтка. Со неа честопати знаеме да си отпатуваме и надвор од Скопје и „се друго“ да почека, но кафето мераклиски испиено со убав поглед - никако. Пиењето кафе во моето семејство е момент за уживање. Паметам кутија со кекси на маса имаше секогаш кај баба ми, сега ја има кај мајка ми, сестрами и кај мене во домот. 

Ме мотивира Нина и нејзиното чисто детско срце, утрото, денот, животот, сонцето, планината и погледот кога ќе се искачам високо, патеката која сум си поставила цел да ја истрчам, книгите. Ме мотивираат ведри, искрени, природни, скромни, хумани, вредни и инспиративни личности. Луѓе кои знаат да пренесат убава енергија и ги прават нештата со мерак и со душа.

Како дел од проектот на ОБСЕ – Жени за жени во јавниот сектор (Менторска иницијатива) кој има за цел да ги зголеми можностите за личен и професионален развој на жените преку создавање концепт на меѓусебна поддршка, споделување на знаења и искуства, како и јакнење на солидарноста, запознав исклучителни личности. Тие исто така ми се мотив кон новите животни предизвици и цели.

Дневните планови и обврски, службените се врзани со мојата работа во Агенцијата за медиуми. Веројатно големата љубов кон правото ми е двигателот при извршувањето на многубројните обврски и динамичниот работен ден. Плановите и обврските во приватниот дел од денот ми се врзани за Нина и моето семејство. 

Денот најчесто многу ме изморува, затоа вториот дел од него се обидувам да ми минува што е можно порелаксирано. Вежбањето и прошетките многу ми помагаат. Секогаш кога имам слободно време сакам да го поминам со моите родители, сестра ми, внуките, со кои секогаш си ги одбележуваме моментите кои ни значат, па тоа да биде и обична седенка. Другарите и пријателите се неизоставен дел од мојот живот. Кога околностите дозволуваат, вечерите ги минуваме заедно, во муабетење, музика, чаша пијалок, многу смеа. Вечерите во друштво со моите најмили знаат да траат и до раните утрински часови. 

Дефинитивно повеќе сакам да прочитам добра книга. Книгите се моја голема љубов. Кога не читам се чувствувам празно. Во мојот дом книгите ги има насекаде, не само во библиотеката.Некогаш се случува да почнам да читам две-три книги истовремено. Во зависност од расположението ја читам онаа која ми одговара. Најмногу се радувам што таа љубов и ја пренесов и на Нина.

(*Ивона Муфишева, магистер по право од областа на административното право и јавна администрација)