Утринско кафе со Јасмина Јакимова: Сонувам за држава во која партиските препукувања нема да ги отвораат централните вести

Кој рано рани, цел ден се проѕева. Не сум човек кој се буди со петлите, па имам среќа што мојата работа не го бара тоа од мене и некако до кај 9.30 успевам да стигнам до канцеларијата на Радио МОФ и да започнам со работните обврски. Со велосипед, секако, бидејќи Скопје бил проектиран да биде велосипедски град, па време е да си го вратиме назад. Во таа утринска брзаница не пропуштам на телефон да пролистам што ново се случило во текот на ноќта, да подзглавам со читање на некој текст, за во меѓувреме да одлучам дека на работа може да се оди и без шминка  Освен кога нема некое снимање, настан или дебата во живо.

Не сум голем зависник од кафе. Го пијам од навика, пред компјутер или на состанок со колегите, додека дискутираме за тековните проекти, договараме теми и стории на кои ќе работиме. Ама затоа секогаш кафето е силно, црно и горко, за да има посилен ефект.

Како новинар и уредник во Радио МОФ, секој ден си носи некоја нова приказна која треба да биде раскажана, некој нов „гаф“ од политичарите кој треба да се искритикува, некогаш јавно, другпат во кругот на колегите. Има денови кога не станувам од пред компјутер, бидејќи мора да се работи на некој извештај или конкретен проект, да се држи чекор со роковите кои не смеат да бидат прегазени, да се внимава текстовите, видеата или аудио поткастите кои ги продуцираме да звучат онака како што треба. Другпат, пак, сум растрчана насекаде во следење настани, земање изјави или снимање интервјуа. Бидејќи сме мал тим од четворица новинари, секој мора да работи сè, па затоа се шегуваме дека функционираме како мал, но добро организиран пленум кој силно верува дека новинарството е јавно добро. А бидејќи земјава останува на младите, фокусот го ставаме токму на нивните проблеми, потреби и активности. 

Ме мотивира сонцето, патувањата, младите луѓе со кои работам и кои од корен ми го сменија мислењето дека младите се апатични и незаинтересирани за сè што се случува во земјава. Луѓе кои организираат дебати, прават престави, едуцираат свои врсници, и имаат точна претстава во каква земја сакаат да живеат. Ама мотив за работа наоѓам и во ужасот со кој секојдневно се соочуваме. Зарем можам да го игнорирам отровниот воздух кој го дишеме, урбаниот хаос во кој живееме, нефункционалноста на институциите во сите сфери на општеството? Секојдневието е мотив и инспирација за секој македонски новинар, а теми, за жал, има на претек. Сонувам за држава во која партиските препукувања нема да ги отвораат централните вести, а граѓанските проблеми ќе бидат во фокусот на информирањето. 

Кога утрото доцни, и прибирањето дома се случува во доцните попладневи часови. Е нив речиси себично ги користам за своето семејство, за прошетки во парк, понекогаш за некој доцен ручек/вечера надвор од дома. Ама не успевам да одолеам на искушението за следење вести и комуникација со колегите преку социјалните мрежи, да искоментираме уште нешто што не сме го завршиле на работа. Кога сите ќе заспијат, повторно се довршува, допишува или планира некоја нова приказна што треба да биде објавена следниот ден.

Би сакала да кажам дека успевам да најдам време за чаша вино и добра книга пред спиење, ама нема да биде точно. И како повеќето мои колеги, читањето книги сè повеќе го заменувам со читање текстови пред компјутер. Ама последниве години, кога ќе украдам некој час, сакам да ги читам книгите на новата генерација македонски писатели. Прво, бидејќи носат свежина во македонската литература, а второ, бидејќи не треба да се борам со лошите преводи на македонски јазик. 

(Јасмина Јакимова, новинар и уредник во Радио МОФ)