Утринско кафе со Јасмина Атанасоска: Кога секој би се трудел да ги направи работите најдобро што може би имале многу поквалитетен живот

Добивај вести на Viber

Денот не може да ми започне без здрав појадок за потребната енергија, а потоа следуваат секојдневните обврски. Првото кафе обично го пијам на работа во друштво на мајка ми и сестра ми поради нашиот семеен бизнис.

Ме мотивираат успешни приказни и вредни луѓе. Кога секој би се трудел да ги направи работите најдобро што може би имале многу поквалитетен живот во сите области. Многу често мотивација црпам и од Инстаграм бидејќи гледам да следам профили на кои нема само да потрошам време, туку и ќе научам нови работи или некако ќе ме инспирираат.

Работам во туристичка агенција со што секој ден е различен. Деновите и обврските никогаш не се повторуваат и не можат да се предвидат, барањата на секој клиент се индивидуални, а јас уживам во реализирањето на нивните патувања. После работниот ден најдобро се опуштам со добар тренинг после кој се чувствувам исполнето.

Слободното време следува навечер, и најчесто го поминувам со најблиските и пријателите. Дружбите се во опуштена домашна атмосфера со многу смеа и чаша добро вино.

Поради краткото слободно време можам да изгледам филм, што и не е многу чест случај, а сериите дефинитивно не се моја омилена активност. Повеќе сакам да прочитам добра книга.

(*Јасмина Атанасоска - туристички агент во „Инфо Турс“- Прилеп)