Утринско кафе со Јасна Бачовска-Недиќ: Љубовта кон утрото ми е од мали нозе

Имам неколку утрински кафиња и сите тие ми се многу важни социјални моменти и тоа не само во одредениот ден, но и во животот. Првото кафе секако ми е дома со мојот сопруг. Тој секогаш станува прв и додека го подготвува своето кафе, пие Нес , „шушка“ во кујната и бидејќи живееме во мал простор од 40 квадрати, се е на едно место и кујна и спална и дневна и ме буди и мене, хахаха. Секогаш се бунам дека не ме оставил да поспијам,  но потоа ми го подготвува моето турско кафе, па му простувам. На „тоа кафе“ го правиме „TO DO“ листот на денот. Обично брзаме, ги коментираме најновите вести што сме ги прочитале во „од“ од телефоните, подготвуваме доручек за синот и го убедуваме дека градинката е најубавото место на светот, секогаш дава отпор за одење во градинка. Скоро секое утро е вакво, нема отстапувања. Не ретко се случува во утрото да е „последната минута“ за да завршам нешто, што не сум успеала претходната вечер: да испратам маил, да допишам нешто и тогаш сме во вистински хаос. Ги сакам утрата и утринските подготовки. Мојата љубов кон утрото ми е од мали нозе, во сеќавање ми е едно четиво под наслов „Утро“, мислам дека беше одломка од некое дело на Иван Тургењев, тоа четиво остави длабоки импресии кај мене, а совршено ја долувува бистрината и моќта на утрата. 


Потоа одам на работа, понекогаш сум многу напната и „мислам зошто не е петок“ поради севкупните состојби во нашето општество и природата на мојата професија која е многу чувствителна на сите општествени промени, политички тензии, но секогаш се потсетувам дека тоа е работата која беше мој сон и дека треба максимум да сторам и сите заедно да ги премостиме овие грди состојби. Често додека возам на работа размислувам и правам стратегии како да решам низа „нелогични“ проблеми кои може само кај нас да ги има и како да се справам со ред непродуктивни обврски. Тие размисли често ми го скаменуваат лицето, па додека стојам на семафор кога ќе се погледнам во ретровизор или на некое од огледалцата во кола си правам вештачки насмевки. Стигнувам на работа и таму е второто утринско кафе со некој од кругот на колегите, мојот цимер од кабинет, мојата асистентка, „генерациските  колеги“ тоа се луѓето кои се третина од мојот живот, тие ми се поддршка, мотив, најдраги гости и луѓе на кои им се јавувам кога ми е тешко или имам проблем. Ги коментираме најчесто политичките состојби, бидејќи ние сме Правен факултет нели со видливо изразен сензибилитет на општествени случувања и процеси. Често коментираме за некој јавен настап или објавена колумна на наш колега од претходниот ден/вечер. Потоа одам на часови (тоа е најубавиот дел) или имам консултации со студенти. Овој дел е најдобро алиби за незборување на телефон, зошто во првиот дел од денот знае постојано да звони и тоа уморува. 

Често имам и трето кафе со студенти кои се најдобрата работа на светот, те одржуваат млад и ти го поттикнуваат мислечкото битие. Следи за кабинетска работа, допишување на некој труд, коресподенција, правење на проектни апликации, административни обврски, состаноци итн. 


Мислам дека сум високо мотивирана личност. Многу нешта ме мотивираат. На пример доволно е утрото да е сончево и јас сум веќе мотивирана многу да направам тој ден на сите полиња (инаку сум метереопат, дури и зависник од сонце). Љубовта кон мојот син ме мотивира, да ги направам најдобрите работи за него. Еден добар разговор со мојот татко, кој отсекогаш ми бил слабост може да ми ги наполни батериите, да ме охрабри, да ми ја зацврсти самодовербата. Ме мотивира пофалба. Ме мотивира успех на мој колега, тоа ми го зголемува натпреварувачкиот дух. Ме мотивираат студентите, нивните прашања, нивните желби во поглед на студирањето и квалитетот на студирање. Ме мотивираат силните, убави, храбри жени, мои пријателки кои се сестрани со кои се надополнуваме и учиме една од друга.


Мислам дека во прашањето за утринското кафе го опишав првиот дел од денот и некаде до 15.30 или 16.00 часот.  Во попладневните часови имаме семеен ручек, кој најчесто во текот на работна недела не го подготвувам, па го имаме или кај моите родители или некаде надвор, а преку викенд исто.  Мислам дека овој дел е моја слабост, најчесто се правдам со немање време или недобра организација. Во овој дел паѓаат критики од мојата мајка, но среќа свекрвата ми е помодерна па, барем на едно декларативно ниво, ме подржува во “неправењето ручек“ по дома  хахаха. Гледам попладнето да сум со семејството, со Новак, кој е темпераментно, палаво и немирно дете, со него малку да прошетаме по малските игралишта или некое кафуле со игротека сега е во фаза на возење точак без помошни....Тој е неуморен, а јас богами не толку млада мајка и делот со него е како во теретана или наместо кардио вежби. 


Вечера подготвувам „Cornflakes“ и јогурт, тое е лесно или слично . Новак заспива и почнуваат понапорните часови кога можам да се концентрирам, да читам или пишувам. Најкреативна сум кога работам под притисок кој често сама си го правам сама бидејќи се оставам за „last minute”. Понекогаш знам и да не заспијам по цела ноќ. Се е толку мирно и споро и ништо друго не ме интересира, па можам да се концентрирам на обврските: пишувањето, подготовка на предавања, пребарувањето на интернет итн.  Некои од моите блиски соработници функционираат слично, па заедно работиме „на мрежа“ или правиме маратонски телефонски разговори кои некој може да ги прислушкува нели?  Секако дека има вечери и кога баш ништо не се работи...

Многу сакам да читам, отсекогаш сум сакала и многу читав, а во последно време се помалку читам книги по сопствен избор, некако времето како да е скратено, а и скратено е поради брзината на комуникацијата, треба да направите сто работи, на сто места и сите очекуваат се да се заврши веднаш „како еден клик“. Основен проблем на иднината веројатно ќе биде немањето време.. Порано кога учев, секогаш држев две книги, едната учебникот, а другата „над“ или „под“ учебникот тоа што моментално го читав. Обично потонував во книга една или две ноќи трошев на роман. Дури понекогаш ми беше срам од моите врсници, да не им асоцирам на книга.... Неодамна славевме 25 години матура и некои од соученичките ми рече, аман ти со книгите...доста веќе, а тие луѓе од средношколските клупи највеќе Ве познаваат. Во последно време си купувам книги од Икона. Сега доаѓаат летни одмори, па ќе се прочита и нешто ново. Што се однесува до филмовите скоро ниеден не го догледувам докрај, заспивам, освен ако не сум во кино , а таму успева да ме однесе само една колешка. 


( Jасна Бачовска-Недиќ - професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ -Скопје )