Утринско кафе со Јелена Богојевиќ: Се надевам дека набргу ќе се вратиме во нормала

Наутро сакам прво да појадувам и испијам кафе, навистина првиот оброк ми е најважен за да останам свежа и активна во текот на денот... Првото утринско кафе го пијам или сама или со најблиските во домашна атмосфера, а потоа пијам уште некое кафе на работа или пак во скопските кафулиња-во она време пред пандемијата. 
Најмногу ме мотивираат семејството, партнерот, блиските другари и другарки од кои секогаш добивам најискрени совети, поддршка и ветер во грб... Тука е и професијата која ме исполнува и инспирира да го давам од себе максимумот... Сакам да учам нови работи, да се надоградувам во секој поглед, како духовно, така и професионално. 

Моите обврски во текот на неделата се поврзани со договарање гости за ТВ емисијата „Магазин“, пишување сценарија и правење распоред за истата, секако плановите ми се поврзани и со времето за релаксација кога сакам да прошетам, да испазарам, да се видам со моите блиски и едноставно да се опуштам и дружам со нив. 

Кога сум сама, слушам музика, сакам да медитирам, да пишувам поезија кога имам инспирација и навистина да уживам во слободното време. Денот го завршувам или пред компјутер со привршување на обврските за утредента, или пак во полабава варијанта со семејството или момчето, гледајќи некој филм или серија... Ми недостасува и времето кога повеќе се гледавме и излегувавме на нашите омилени место со друштвото, но се надевам дека набргу ќе се вратиме во нормала и ќе остане кризава зад нас. 

Од филмови и серии гледам претежно трилери-американски, а од европската кинематографија најмногу британски, шпански и скандинавски, особено ако се работени по вистински приказни. Најчесто читам и таков жанр на книги, крими романи и мистерии, понекогаш проткаени со семејни и љубовни заплети, како оние на Тес Геритсен, Питер Џејмс, Гијом Мисо, Донато Каризи и др.

(*Јелена Богојевиќ- водител на емисијата „Магазин“)