Утринско кафе со Јелена Спенџарска: Прво отворам очи, па после Инстаграм

Денот ми почнува со проверка на мојот телефон. Прво отворам очи, па после Инстаграм и меил. Се средувам за на работа и таму пијам кафе сама, на раат. Велат дека има некоја посебна магија во првото утринско кафе. Чувството кога целата канцеларија ми мириса на тазе сварено кафе е незаменлив... си ја пуштам омилената музика, си ги ослободувам мислите и само уживам.... Турското кафе не го менувам за ништо на светот, големо(во шоља за млеко) и по можност сама да си го направам. 

Ме мотивираат луѓе кои си го живеат својот живот. Луѓе со самодоверба. Животот е постојано патување од нашето раѓање, па се до смртта. Околината се менува, пријателите се менуваат, потребите се менуваат, но возот не застанува. Ме мотивираат луѓето кои знаат дека животот е воз, а не железничка станица. Многу луѓе денеска знаат да те прашуваат што работиш, се гледаш ли со некој, мажена ли си, имаш ли деца и зошто уште не.... но, луѓето кои ќе те прашаат дали си среќна и дали можат некако да помогнат, е ти ми се најголема мотиваија. Голема е листата на работи кои ме мотивираат и претежно се ситници кои го креираат мојот живот да биде многу убав.

Дневните обврски, освен оние стандардни кои ги имам додека сум на работа, секогаш си ги програмирам за свој ќеф. Во принцип, да се видам со пријателите на кафе или на ручек, како и секоја жена посетувам фризерски или козметички салон, одам на спа, возам велосипед, експериментирам по дома со нови рецепти или пазарам во маркет (моето омилено хоби). Сакам едноставни работи, работи кои ме исполнуваат и се досега можам да кажам дека мојот живот е полн со убави моменти. Велат дека каква енергија шириш-таква и привлекуваш, ова кај мене функционира на најдобар можен начин. 

Навечер-патиките и на кеј. Веќе неколку месеци не можам да си го замислам животот без трчање и вежбање на отворено, комплетно се рестартирам, добивам многу креативни идеи, но и многу убава енергија. Еден туш и веќе сум во кревет да изгледам една или две епизоди од омилените серии (никогаш не се две , тоа го сфаќам во 1 часот по полноќ). Излегувањата ми се резервирани исклучиво за викенд, но и тоа ми е периодично. Има викенди кога едвај чекам да излезам и викенди кога не можеш да ме натераш да излезам од дома. 

Секогаш избирам филм наместо книга, што не значи дека не читам туку едноставно филмовите повеќе ме опуштаат. Периодот се навлеков на документарци за храната која денес ја јадеме и би сакала на сите да им ги препорачам „WHAT THE HEALTH“ и „FORKS OVER KNIVES“, филмови кои буквално ќе ви ги променат не само ставовите околу исхраната туку и за животот.


(Јелена Спенџарска- ТВ-водител)