Утринско кафе со Јован Илиески: Кафето наутро секогаш го пијам сам

Кафето наутро секогаш го пијам сам. Такво ми е најубаво. Ме смирува и ми го опушта телото, така најдобро ми почнува денот. Во колку и да се разбудам, знам да најдам време за кафе. Некогаш знам да направам и смути од портокал, јаболка и банана. Ме освежува и ми ги буди сетилата. А со текот на времето, кафето почнав да го гледам како навика, отколку потреба. Но, најважно од сè, ми ги отвора очите ми ја активира креативноста. И мислам дека кафето навистина е најдобро кога го пиеме сами, во тишина. Тогаш, ни се зголемува концентрацијата и потоа сме спремни за денот што следува.


Спонтан сум по природа. Откако ќе го облечам она во кое сметам дека ќе се чувствувам удобно, спремен сум за остатокот од денот. Ако немам никакви обврски опуштен сум и гледам да го посветам времето на луѓето што ги сакам. Доколку имам обврски, секако подоцна почнувам да ги извршувам. Најпрво, се посветувам на тоа што навистина ме исполнува, а потоа продолжувам со обврските, кои до крајот на денот се завршени. Така се научив со текот на времето – најважно ми е да го направам тоа што сум го поставил како конкретна цел во еден ден. Без разлика колку и да имам време на располагање, морам барем пет минути во денот да ги уживам на свој начин.


Како што кажав, денот не е тоа, ако ми помине без да си оставам барем пола час време за себе.Најчесто, расплетот на мојот ден се случува пред мојот компјутер, посветувајќи се на пишувањето. Навистина, тоа многу често го правам, скоро секогаш. На крајот од денот, морам да седнам и да напишам нешто. Затоа и вечерите ги поминувам сам, како и повеќето од утрата. А во меѓувреме, целиот ден ми е исполнет со луѓе и со обврски. Дури и кога ќе заборавам да напишам нешто пред да легнам, а тоа се случувало – потоа се будам од спиење и морам да го извршам тоа. Рутина е. Одамна живеам таков живот.


Ќе бидам искрен, многу ретко гледам филмови. Филмот треба да биде премногу комерцијален за да ми падне во очи или пак некој пријател да дигне прашина околу некој филм, па да го изгледам. Не сум по филмот, освен по екранизираните книги, нив ги гледам без исклучок. Сакам филмови со скриена порака, богато сценарио и уникатност – инаку лесно знам да препознаам грешки во сцените и тоа е веројатно некоја професионална деформација. А кога станува збор за книга – знам да седнам и да читам, но тоа се случува само во период кога се посветувам на себе и немам обврски. Ако имам обврски, не ми е до книга, ниту до филм. Но, кога се решавам за книга, седнувам и ја читам во еден здив.