Утринско кафе со Камелија Шојлевска: Денот ми почнува и завршува со себе

Она што со текот на времето го научив е денот да ми почнува со леснотија и убавина. Не било секогаш така. Постоеше период во мојот живот кога не ги знаев сите овие нешта кои сега ги знам, кога се ми одеше споро и тешко и со некоја мака. Денес тоа е сосема друга слика.. Со самото будење знам дека се моите пет минути и ништо друго на овој свет не ми е важно. Знам дека нешто друго не учеле и дека времето и енергијата пoсветена на себе си се сметало за знак на егоизам.. Верувајте воопшто не е така.

 Значи моите пет минути. Прво си ја кажувам мојата животна мантра СЕ ВО ЖИВОТОТ МИ ДОАЃА СО РАДОСТ, ЛЕСНОТИЈА И СЛАВЈЕ. Тоа е мантрата на учењето и методата на Пристапот кон свеснота/Access consciousness/. Потоа полека го будам своето тело со посебни енергетски техники познати во истата метода во која сум длабоко навлезена. Е дури тогаш го погледнувам мојот мобилен и влегувам во секојдневието и го пијам своето прво утринско кафе.

Ме мотивира животот во мене. Никогаш мотивацијата не сум ја црпела од надворешниот свет или од некој друг. Мотивацијата секогаш доаѓала од моите длабочини и ако таму не ја наоѓам џабе е се'. Таа е поврзана со мојата визија за животот, не само мојот, туку и на моите најблиски, па се шири до се' она што сакам да го оставам на целата планета како знаење и богатсво што го имам. Затоа и пишувам.. Книги, сценарија.. Сега бидејќи животот ми го отвори и Исланд како моја втора земја, бидејќи мојата ќерка со своето семејство живее таму, имам можност да правам и интервјуа со познати личности кои работат и живеат на тој простор и имаат сосема различни системи на вредности и различна ментална матрица, да го збогатам нашиот живот и со некои други содржини освен опседнатоста со политиката.

Многу ми е богат денот. Гледам да го искреирам најбогато што можам. А за тоа ни се потребни луѓе со кои исто мислам, мечтаам и го гледам светот. Воглавно, се занимавам со креативни активности. Планови за проекти, како сето тоа да се избутка и реализира, бидејќи морам да признаам дека срединава ни е со тешка енергија за реализација. Но, не така ретко ќе си заседнам дома во моето катче и ќе си го поминам денот ете така навидум неправејќи ништо. Не гледам телевизија, иако таа била мој професионален живот. Избегнувам туѓи драми...И негативни мисли и вести, кои целта им е да вознемират, а не да информираат.

Денот ми завршува како што ми почнал. Со себе. Читателиве ќе помислат дека сум некој тежок саможивник, ама не е така. Ако сам не си дадеш себе си од кого можеш тоа да го очекуваш.. И ако си празен што би му дал на другиот, само тоа што го имаш.

Сакам и книга и филм. Некој добар филм на Нетфликс кој сама го бирам. Обожавам серии. Последна што буквално ја голтнав беше „Луцифер“. Сите книги на творците на пристап на свесност Гери Даглас и Даин Хир ги имам на Киндл и читам.. и уживам. 

* Камелија Шојлевска, новинарка и автор