Утринско кафе со Каролина Петковска: Ме мотивира „чудото“ наречено: Живот!

Добивај вести на Viber

Кафе: турско или инстант, топло или ладно, горчливо или шербет, со локум( во Стара Чаршија), со цимет или со лимон, со шлаг или со млеко од камила во кафулињата на Тенерифе или во Каиро.

Кафе: наутро или навечер, па дури и во „глуво доба“( особено ако работам на некој проект)! Сама или во друштво, удобно „завалена“ во мојот агол или „од нога“ додека чекам гости соговорници во студиото на МТВ!

Понекогаш се прашувам каков ќе беше животот и колку посиромашен од културолошки аспект ќе беше човековата „живеачка“ без темната, топла и миризлива течност, како: здив на ветар во август на плажа во Преспа. Горчливо – киселкаста, како: состојбата на душата по раскината емотивна врска ( љубовна, роднинска, пријателска, професионална..) .


Ги сакам моментите, кога по утринската прошетка, рано наутро, додека низ куќата се шири мирисот на кафето, со „залет“ на креветот до мене легнува Леа, моето милениче: Лабрадор Ретривер, со меко крзно и студено носе кое ги има собрано сите утрински мириси од кејот на Вардар.


Добро е да се испие кафе, со луѓе, со коишто имате за што да зборувате, но уште подобро е ако го пиете, со луѓе со кои ви е убаво и кога молчите! И во едниот и другиот случај тоа се мојот сопруг Александар и сестра ми Даниела, со којашто сега за жал можам да го испијам кафето, само додека муабетиме на вибер, зошто последниве пет години со семејството живее во Америка. И да...последниве четири години, до болка ми недостасува мирисот од тазе сомеленото и мераклиски, со љубов сварено кафе од рацете на мајка ми.

Второто кафе во денот, околу 08:30 часот наутро го пијам на работното место, обично сама, пред да започне редовниот организиран „хаос“ и синхронизирање со ритамот на денот: подготовката на сценарио за емисијата „Неделен магазин“, телефонски разговори, договори со екипата, снимање на терен, монтажа на материјали, снимање на студискиот дел и редовните обврски во Редакцијата за Контактно забавни емисии на Културно Уметничката програма на МТВ1. И така до доцна, навечер,со барем уште едно кафе...( понекогаш и две..:).


Малечок ритуал: подготвена вечера за двајца, чаша црвено вино и одбран филм на лаптоп ( ставен на маса)! Ред муабет и голтка од виното и „голтка“ од филмот, најчесто со  документарно историски жанр. Не го сакам хоророт како жанр! Доволно  страв и неизвесност имаме во реалноста оптоварена од пандемија и изолации,  сокриени насмевки, украдени прегратки, изгубени  денови и драги луѓе...Постојат наслови и книги  на коишто сум се навраќала  и по неколку пати во различно доба од мојот живот, како на студен извор од кој си ја „гаснам“ жеддта, по убава мисла или стих. Затоа пак, на прсти од едната рака можам да ги избројам филмовите што сум ги гледала по вторпат!

Прекрасно е ова „чудо“ наречено - живот, нуди безброј мотиви за среќа и задоволство, се разбира ако умееш да ги препознаеш во “океанот” од стереотипи, изгубен вредносен систем изгубена правда и емпатија, од важни и помалку важни работи и луѓе. Токму затоа, отсекогаш ме мотивираат луѓе коишто  го имаат оној пркосен инает во себе и веруваат во вистината, дека: “ ако се сака- се се може” !

Ме мотивираат и луѓе, коишто веруваат во своите соништа, зошто ги сонуваат со верба во сопствените сили или луѓе коишто „ одат“, наспроти ветрот и оние кои  ги поместуваат границите и во сопствениот и во општествениот универзум! Ме мотивираат моите Александра и Мартина и нивните целосно различни карактери а толку слични души! Секојдневно му благодарам на Бога, за: семејството, за здравјето, и за љубовта, од почеток... до новото утро и новата шоља кафе!


(*Каролина Петковска, магистер по културологија, Уредник на Реадкцијата за Контактно забавни емисии во МТВ)