Утринско кафе со Катерина Јолакоска: Сакам шарени и размрдани обврски

Денот ми започнува (не многу) рано наутро, најчесто со телефонски повици и со нови предизвици. Кафе не пијам, но чај наутро ми е секојдневен ритуал. Го пијам сама за да си направам план на денот, а и нормално секој член на семејството е со свои обврски. 

Хм, навистина ме мотивираат многу работи, но би издвоила неколку доколку морам. Нека бидат тоа добар разговор, бура од идеи, насмевка на детските лица, кога се чуствувам како да правам нешто добро и разубавувам нечиј ден и уште стотици нешта. Дефинитивно ме мотивира добар проект во рака. Кога имам добар проект се случува да спијам по 4-5 часа во денот за да ги завршам обврските најдобро.Така беше со “Пепепелашка“, првата инклузивна танцова претстава, која својата премиера ја доживеа на 9 април во МОБ, во целосна организација на „Еурека“. Според критиките помина одлично.

Ух, не би можела да кажам дека ми се случило да имам два исти дена. Наутро најчесто се некои шарени и размрдани обврски, работа на проекти, состаноци, договори, средби и слично. Студиото работи во попладневните часови во сите работни денови па да кажам дека тоа ми е единствената фиксирана секојдневна обврска во 90% од случаите. Многу често истите тие часови ги минувам во училиштата каде што држиме часови. Освен во Капиштец и во Автокомада, Железара и Бутел, или пак на која локација и да сум потребна, сѐ во зависност од тоа на што се работи во моментот.

Секој ден ми завршува прилично доцна, по часовите задржувајќи се во студиото. Вечерта ја поминувам со моето семејство најчесто со убав и долг разговор за денешните и утрешните случувања.

Дефинитивно кога би бирала помеѓу книга и филм секогаш би одбрала книга. Доколку имам време уживам да се одморам со убав роман или да се "нахранам" со книги од успешни светски бизнис ликови.

* Менаџер на „Еурека Студио“ и претстедател на ,„Еурека Културен Центар“