Утринско кафе со Катерина Панов Кожаров: Ветар во грб ми е светот симнат на дланка од човекот кој го сакам

Мојот омилен утрински ритуал (кој никако не е во глува ранина особено во сегашниве услови) е кафе со млеко од ориз и Саси вода, кои ги пијам околу многуте цвеќиња на мојата омилена тераса, најчесто сама или во друштво на мојот сопруг. Тогаш го средувам планот за денот пред мене и читам некоја страна од тековниот роман. Ведаш потоа следуваат подготвките околу доручекот на моите две сонца, синот Драган и ќеркичката Елена.

Има неколу нешта кои се моја движечка сила и порив. Како жена ме фасцинираат феминистичките идеали - да покажеме колку жената знае да оди рамо до рамо со мажот, оти впрочем тие се двата совршено споиви делови на сложувалката.

Како мајка двигател ми се среќните лица на моите деца кога се во најтоплата прегратка на свет (не сум знаела, колку, да се биде родител е во исто време најубава ама и најтешка вокација што постои), а како сопруга дефинитивно ветар во грб ми е светот симнат на дланката од човекот кој го сакам.

Веќе 13 години сум професор по англиски јазик и литература во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица и оттука фактот дека оставам свој белег во личноста и интелектот на сите тие деца е поттик во сите времиња и невремиња низ кои минува образованието.

На крај, убаво сврзаните зборови и задоволството кога луѓето ќе ми кажат колку ги допреле или 'се пронашле' во моите последни стихови е мотив плус во истурањето емоции врз парче хартија.

Периодов сум најмногу индоктринирана домаќинка веројатно така што деновите ги минувам во кругот на семејството надминувајќи се себе си и во полето на кулинарството, средувајќи ја градината или читајќи. Во времето до пред некој месец кога светот беше нормално место за живеење, денот ми го бележеа прво предавањата во училиште, а потоа и сите споредни нешта кои мене ме прават она што сум, од пишување до рецитирање или проекти врзани со модераторство, промоции и сл. Задолжителен ритуал беше и кафето со пријателка низ некое од најубавите струмички кафулиња.

Совршениот крај на денот за мене е пак во кругот на семејството, на истото она место каде и почнува впрочем, обично со чаша вино или пак во друштво на моите пријатели во идиличниот спокој на мојот двор.

Замислете дека цел овој период на вонредна состојба и полициски часови, не изгледав ниту еден филм. Дефинитивно, гласно и јасно гласам за добра книга ( многу сум избирлива и во тој поглед и не се задоволувам лесно или со било што)...А вие имате некогаш гледано филм кој го има надминато задоволството што го нуди истоимената книга?!

*Катерина Панов Кожаров - професор по англиски јазик и литература во СОУ „Јане Сандански“ - Струмица