Утринско кафе со Кети Борисовска: Во центарот на мојата вселена е театарот

Новото утро секогаш бара од мене да направам река, да седнам на нејзиниот брег и да ја гледам како тече. Ми ги буди сетилата а кафето и птиците ме „расонуваат". Во длабока тишина, со чувство дека чекам важен гостин, сама, го започнувам ритуалот на премислување, преслушување и планирање на предизвикот што денешниот ден го носи.

Иако патиштата и се тешки и стрмни, иако честопати може да ми ги урниса соништата, иако знае да прободе со меч, љубовта е мотивот или здивот на секој мој подвиг. Верувам единствено во неа. Во силата нејзина да ме помилува и да ме вивне во висините, а и „казната" да ме разниша и припои за земјата. Сè помеѓу е Божја убавина. Растење.

Во центарот на мојата вселена секогаш стои театарот. Сè што денот ќе донесе се распоредува и ротира околу него.

За жал оваа 2020 година го парализира безмилосно и му забрани да чекори, да се движи, да „биде". Го лиши од неговото суштинско значење. Ги стави на испит нашите „вистини" и како горчлива напивка ни докажа дека голем дел од болката на светот, сами си ја избравме. Мене и на мојот театар, кој сè уште цврсто стои на својата централна позиција, не ни преостана ништо друго освен трпеливо и во тишина, да му дозволиме на животот низ своето ретроградно движење да најде одговори и спознанија кои ќе ни помогнат повторно да зачекориме. Остана и надеж за повторно летање.

И книга, и филм. Сè што се занимава со Човекот и неговите најдлабоки преиспитување. Сè што ја третира слободата во сите нејзини форми. Никако американско кино, и никако екранизација на „добра" книга.Тоа е нарушување на основните човекови права и слободи.

(* Кети Борисовска, актерка во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“)