Утринско кафе со Климентина Илијевски: Ме мотивира успехот на лицата од маргините

Секој почеток на ден ми е комплетно различен од претходниот, можеби затоа што не пијам кафе (се смее). Се обидувам утрата да ги започнам со исцеден лимон со вода, со смути или пак со цеден сок од портокал или грејпфрут, ама не секогаш ми успева. Зависи од агендата за конкретниот ден. Утрата ми се најпродуктивни и кога немам состаноци. Денот ми почнува пред компјутер, некаде околу 7 часот. Најмногу ги сакам утрата за викенд. Тогаш имаме семејни ритуали, на кои многу им се радувам. Почетокот на денот е резервиран за вежбање и трчање покрај Вардар, а потоа имаме долги семејни појадоци, задолжително одлично сервирани од страна на ќерка ми Надја.

Широк е дијапазонот на обврски. Работните натежнуваат и се туркаат да земат место и во делот од денот кој што треба да е резервиран за семејството и тоа ми е секојдневна борба. Како човек кој што ја води Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, значителен дел од денот поминувам во состаноци во или надвор од канцеларија, па и во координативни состаноци со тимот и со нашите партнери и соработници. Паралелно, активно работам и на истражувања и анализи во сферата на социјалата со фокус на социјално претприемаштво и на интеграција на ранливи лица на пазарот на труд, а го уредувам и го менаџирам и уличното списание „Лице в лице“ кое што работно ангажира лица од маргините. Во последнава година поминувам и низ едукативен процес, специјализација за одржливо лидерство, а тоа значи и предавања во попладневните часови, понекогаш и за време на викендите.

Ме мотивираат луѓето околу мене, малите успеси, големите насмевки, придвижувањето кон целта, тимскиот дух и вербата дека можеме. Имам среќа да сум опкружена со прекрасни луѓе, со кои што делиме исти вредности. Тие се мојот мотор. Ме мотивираат успесите на продавачите на „Лице в лице“ и ми покажуваат дека вложувањето во развојот на лицата од маргините и нивното систематско интегрирање преку работен ангажман е вистинскиот приод кон инклузија. Промените што ги гледам кај нив ме движат напред и се посилни од сите пречки низ кои што минуваме градејќи го „Лице в лице“.

Пресреќна сум кога ќе го пречекорам прагот и ќе си дојдам дома. Најчесто тоа е навечер кога и децата се враќаат од нивните поладневни воншколски активности. Во семејството си го наоѓам својот мир. Прегратките чуда прават. И разговорите со најблиските, исто така. Сакаме да минуваме време заедно сите четворица во вечерните часови, а најзабавно ни е кога играме кент. За да има игра, мора се што е домашна задача да е завршено пред воншколските активности и во тој случај, после вечерата имаме заедничка забава со друштвена игра или пак гледање серија на „Нетфликс“. Често знаеме пак и пак да ѝ се вратиме и на серијата „Френдс“.

Читањето ме релаксира, ама во изминативе години најчесто читам стручна литература. Белетристика успевам да прочитам само за време на летните и зимските одмори каде најчесто заминувам со по неколку книги од „Или -или“. Филм успевам да изгледам за време на викенди. Сопругот и син ми Тадеј се филмофили, па на нив секогаш оставам да го направат изборот.