Утринско кафе со Кристина Затуровска: Благодарна сум на семејството кое има разбирање за моето невообичаено време за работа

Денот го започнувам со голема шолја кафе во кое уживам горе долу еден час. Пиењето на кафе ми е посебен ритуал кој вообичаено го правам со сопругот и ги читам најновите вести од светот. Тоа ми е дел од денот каде што го планирам денот (кој вообичаено ми е многу динамичен), како и работните обврски.

Најголема мотивација ми се двете деца Леона и Део, сопругот Дарко и пријателите заради кои секој ден сакам да сум подобра личност и подобра во својата работа. Работам две работи ( бебешка/детска/фамилијарна фотографија и одржувам приватни часови по креативност, уметност со деца од 5 – 18 годишна возраст)  кои ги обожавам и не би ги заменила за ништо во светот.  Децата и луѓето со кои работам ме полнат со позитивна енергија и ми се поттик се поголеми достигнувања и успеси. Динамичноста на работата ме исполнува затоа што сакам денот да ми биде исполнет во целост.

Секој ден ми е различен и посебен. Вообичаено почнувам со работа после 10 часот,  фотографирам, мала пауза за кафе муабет со некоја пријателка, ручек секогаш превкусен кој го спрема мојот незаменлив сопруг, потоа часовите по уметност во моето студио, пак дома каде ги пијам моето второ кафе и време оддвоено за раговор со Дарко за тоа како ни поминал денот и кои ни се утрешните обврски, па пишување на домашните задачи со децата.

Денот ми завршува доцна во ноќта, но секогаш различно. Понекогаш работам и до 2 часот изутрина едитирајќи фотографии, а друг пат со децата и сопругот гледајќи некој добар филм.

Ние сме фамилија филмомани нема нешто што не сме игледале од анимирани и играни филмови. Најдобар пријател моментално ни е Нетфликс. Благодарна сум на семејството кое има разбирање за моите дневни обврски и невообичаено време за работа.

*Кристина Затуровска (Кики Муки) - фотограф/уметник