Утринско кафе со Леана Таќи: Учам од добиените битки на луѓето
Денот без исклучок ми почнува со појадок (и кафе) и тренинг . Во последно време малку редуцирав на кафе, па сега пијам утрински чај со родителите.
Најчесто ме мотивираат приказни за луѓе од секојдневието. Сакам да слушам за нивните добиени и загубени битки и сакам да учам и да се инспирирам од нивните приказни. Ме мотивира и мојата лична амбиција, бидејќи таа е нешто што секогаш ме следи и си живее со мене. Ме мотивираат и убави зборови од блиските.
Станувам рано наутро, завршувам еден до два тренинзи, голем дел од денот поминувам во работа, но се трудам да најдам време и за музика, творење и дружење.
Вечерта ја минувам со уште една седенка со родителите, или пак со пријателите од бендот, а неретко вечерите ги поминувам и сама со кучињата бидејќи ми треба доста одмор поради моето темпо на живеење.
Филмови и серии гледам многу, а сакам и да читам. Од што сакам да постигнам најмногу што можам во 24 часа, во моментов паралелно читам пет книги и никако да ги дочитам!
( Леана Таќи, спортист во дисциплината триатлон и музичар)