Утринско кафе со Лидија Георгиева: Додека не се испразни филџанот преферирам тишина

Почетокот на денот за мене е премин од една во друга реалност, па имам потреба првиот час да биде како градиент од една во друга перцепција, емоција, разум.. Токму поради тоа, кафето ми е ритуал и додека не се испразни филџанот преферирам тишина. Морам прво малку да поразговарам со погледот низ мојот прозор, за среќа имам убав поглед.

Моите дневни планови и обврски зависта од тоа за кој период од годината станува збор. Моите лични проекти, работата со студентите, текстовите за Економија и бизнис, патувањата поради работни обврски, театарските костими.. Јуни покрај ситните обврски, беше исполнет со патувањето во Полска на Форумот 16+ и обемната завршна ревија на студентите на ТМФ. Во моментов подготвувам предавање за интернационален летен камп за надарени студенти, организиран од Француската Амбасада во Белград, и секако, најважното - работам на нова колекција. Планирам да ја презентирам во октомври со ревија, ќе биде интересно.

Ме мотивира љубов, дизајн, создавање и откривање на нови нешта, задоволството кога тоа го споделувам.. Накратко речено, секој ден ми е различен, но енергијата која ме движи е таа.

Вечерта ја поминувам покрај блискиот круг драгоцени пријатели. Имам неколку екипи за дружба, сите се инспиративни на свој начин. Но кога и да се вратам дома, признавам, пред да си легнам морам да изгледам барем една епизода од некоја серија што ја следам во моментот, тоа е оној ноќниот градиент.

Особено уживам во квалитетно направени СФ-филмови и серии, а за жал во последно време за книга се поретко имам време. Сепак, во моментов вниманието ми го зема една многу интересна проекција кон иднината, технолошкиот развој кој неминовно следи и ќе влијае врз нашите животи. Книгата е напишана од Кевин Кели и се вика „Неизбежното“.

*Лидија Георгиева, дизајнер и редовен професор на УКИМ-ТМФ