Утринско кафе со Лидија Саздовска: Денот ми почнува со џез

Денот го започнувам со музика, слушам Jazz FM. Тоа е музиката која ми делува многу инспиритивно и која многу ја сакам. Првото утринско кафе обично го пијам со мојот сопруг. Бидејки обајцата сме пензионери, уживаме во тие мигови и тогаш ги правиме плановите за претстојниот ден, разговараме за своите обврски.

Дневните планови се поврзани со тековниот миг,обврските кои се задолжителни во одреден период.Во последните десетина дена во Музејот на Град Скопје се одржува мојата самостојна изложба која претставува пресек од севкупното мое четиридецениско ликовно творештво.Може да се рече дека тоа е моја ретроспективна изложба. Поради тоа,секој деннеколку часа минувам во изложбениот салон, обично во претпладневните часови.

Различни работи ме мотивираат. Понекогаш убавиот сончев ден, некоја средба со драга личност, прошетка во природата, дружењето со пријателите и многу други нешта.

Денот го завршувам во дружење со моето семејство, моите синови и внуките, а честопати секако и со своите пријатели во долги прошетки во паркот или на муабет во некое кафуле во Дебар Маало.

Не пропуштам вечер без да изгледам добар филм. Јас сум ноќна птица, така што секогаш можам да пронајдам некоја драма што ќе го задржи моето внимание до доцните часови.Сакам добра книга, читам многу повеќе во летниот период. Сега сум окупирана околу мојата изложба, за мене многу значаен настан,така што немав време за концентрација за читање.Последна книга што сум ја прочитала е „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска Георгиева.Извонреден роман на мојата драга пријателка, добитник на наградата „Стале Попов“ од Друштво на писателите на Македонија за најдобра прозна книга која топло им ја препорачувам на сите што не ја прочитале.Омилени книги кои исто така ги препорачувам се „Раскази“ од Чехов, „Дервишот и смртта“од Меша Селимовиќ, „Љубов во време на колера“од Габриел Гарсија Маркес, поезијата на Михаил Ренџов, Достоевски..

*Лидија Саздовска, ликовен уметник