Утринско кафе со Љупка Митрова: На крајот од денот имам десетминутен молк

Добивај вести на Viber

Се трудам денот да ми започне со добра мисла, само тоа може да ме мотивира да станам од кревет. Утринското кафе го пијам во друштво со помалата ќерка, а најчесто и со неа го поминувам утрото, бидејќи поголемата во тој период од денот е на училиште. 

Утрото, најчесто со неа пишуваме домашни задачи, подготвувам појадок и го пијам кафето буквално на нога, зошто немам време да го испијам во кревет. Некогаш си велам дека ми недостасуваат плус неколку часа во денот.

Најголемата мотивација ми се моите две ќерки, од ден на ден ме прават поисполнета како мајка, а со тоа и похрабра во носење одлуки. Често седнуваме трите како три сестри, а не како мајка и ќерки, па разговараме и носиме решение за некој проблем.

Во принцип тоа се и моите дневни обврски, ќерките, ќерките и само ќерките. Некогаш некој близок пријател гледајќи што активности имам во текот на денот и во каков хаос сум се нашла, дали сум излегла со неуредна коса или со дуксер наопаку облечен во брзање да не ги задоцнам на час или пак сум излегла со мокра коса, знае да ми каже „е ова сега да се снима, а не само идеалниот живот во светот на социјалните мрежи каде се' оди како подмачкано“.

Секогаш покрај сите обврски со ќерките знам да си најдам време и за себе, зашто човек се губи ако го нема тоа. Нели? 

На крај на денот имам 10 минутен молк, тишина. Секој што е остварен како родител знае добро за што зборувам. Се разбира моментот кога малите се веќе заспани. Тоа време ми е посветено за блиски луѓе со кои знам да седнам на вечера и чаша вино, понекогаш знам и да се затворам во соба со музика, обожавам музика, таа ме опушта, малку на инста и ако уште не ме нападнал сонот земам книга. Најчесто одбирам книга што душевно ме надополнува и ми ја гали душата.

(Љупка Митрова -  блогерка и инфлуенсерка)