Утринско кафе со Магдалена Симоновска: Ме мотивираат моите клиенти

Во корелација со мојата професија како дизајнер на чевли и еден од сопствениците на фирмата „Шевро“ имам поголема слобода во организирање на моето време. Утрата секогаш ми започнуваат различно. Но, она што со години наназад е исто, е чувството на пријатниот мирис на првото утринско кафе.

Иако не сум утрински човек, односно практикувам утрата да ми започнат со голема шолја кафе, моите мисли и добра музика, но понекогаш денот започнува „стресно“ исполнет со телефонски разговори во врска со тековните обврски.


Ме мотивираат моите клиенти, луѓето околу мене, моето семејство. Мотивацијата ја наоѓам и во самата себе дека треба да бидам подобар човек од тоа што сум била вчера, како на приватен така и на деловен план.


Имам бројни тековни обврски. Мојот работен ден нема определено времетраење. Понекогаш завршува (иако тоа се случува многу ретко) во 15 :00 часот, а понекогаш воопшто не ни завршува. Тоа е цената на приватниот бизнис. Тоа што го работите ако навистина го сакате и уживате во истото, а како креативна работа која не секогаш ве затвора во еден ограничен простор, тогаш не сте ни забележале дека сте биле на работа по 12 или 13 часа, во буквална смисла на зборот од утро до доцна навечер. За среќа, имам еден мал тим сочинет со добро организирани соработници.


Една фраза на Стив Џобс која често знам да ја кажам вели: ,,Големите работи во бизнисот никогаш не се направени од еден човек, туку од тим на луѓе“. Можеби не создаваме „големи бизниси“, но она што го работиме како тим, зборува за нашата добро организирана тимска работа, професионалноста и ентузијазмот, кои се темелот на секој успех.

Да си чевлар во Македонија и да опстоиш со години наназад, покажува само колку тие што ја работат оваа дејност, навистина си ја сакаат.


Остатокот од денот го поминувам со моето семејство, со моите пријателки, на ручек или вечера. Немам многу време за вечерни излегувања, освен на некои модни настани, родендени и слично. Вечерите кога сум слободна и неделите најчесто ги поминувам во прошетка и време посветено на спортските активности. Знам и да прочитам некоја книга. Мојот избор скоро е секогаш поврзан со стручна литература и истражување на научни трудови од областа на историјата на уметност. Можеби малкумина ме познаваат како магистер на историјата на уметност, научна дејност со која во моментот не се бавам професионално, но секогаш се трудам да бидам во тек со новите научни откритија, и би сакала еден ден и да докторирам во оваа област.

*Магдалена Симоновска- еден од сопствениците на компанијата за чевли „Шевро“