Утринско кафе со Маги Медичи: Ме мотивира љубовта

Не е дека не сум љубител на друштво за првото кафе, ама најдобро се чувствувам кога го пијам сама, и тоа ми е некој ритуал кој го практикувам отсекогаш. Собирам доволно енергија за денот кој следи, се опуштам со интересна комична серија на ТВ уште од рано наутро, и веќе второто кафе го пијам со мајка ми. Најмногу уживам во утрата, тие ми се омилен дел од денот.

Во животот најмногу од сѐ ме мотивира љубовта, грижата и нежноста, сите предизвици на кои можам да одговорам, ме мотивираат блиските пријатели и тоа што сме тука едни за други, мојата лична еволуција и можноста да станам подобар човек градејќи се себеси и учејќи нешто ново секојдневно.

Ме мотивираат луѓе што навистина знаат да ми посветат внимание, да ме насмеат зошто знаат дека обожавам да се смеам, и сите оние што знаат дека животот го прават малите нешта, кои се бесценети а бесплатни. Кај работата ме мотивира прецизноста, воспитаните и интелигентни луѓе. Среќните и насмеани лица на моите клиенти ме инспирираат да дадам повеќе од себе.

Имам разновидни обврски секојдневно и деновите никогаш не ми се монотони. Списанието Убавина и здравје, каде што сум моден уредник и обврските врзани со него, салонот за убавина каде работам шминка или клиентите доаѓаат на третмани за освежување и нега на лицето, теренските снимања или фотографирања во соработка со наши и странски продукции и агенции, бјути обуките и часовите за шминка со многуте наши козметички компании и академии каде сум ангажирана.

Сите овие обврски ми даваат уште повеќе енергија и ме инспирираат да го почитувам, и да одговорам уште поквалитетно на секој следен даден ангажман. Долгорочни планови не можам секогаш да правам, затоа што кај мене секојдневно се менуваат обврските, и многу често се случува да немам кога да испијам веќе договорено кафе или да седнам на ручек со пријателите.

Најчесто го завршувам денот со смеење, затоа што не гледам вести и не ме интересира политика, а тоа е пола здравје хахаха. Во принцип не излегувам навечер, освен ако се работи за некој роденден, покана за моден настан и сл.

Ако не сум дома, се дружам со пријателите најчесто кај некои од нив на гости или тие се кај мене на вечера. Во спротивно 

И книга и филм сакам! Книги читам претежно наутро, кога сум одморена и кога имам време пред работните обврски. Инаку обожавам филмови и ако не најдам филм со интересна содржина заспивам со некој од ТВ каналите што ги следам.

Маги Медичи стилист