Утринско кафе со Маја Аргакијева: Ја сакам тишината на ноќта

Денот ми почнува со благодарност. Затоа што ми е даден уште еден прекрасен ден, затоа што околу мене се луѓето кои ги сакам, ја работам работата која ја сакам, за се што сум, за сите искуства кои ми се дадени. 

Преку неделата, кога децата се на училиште, стануваме нешто пред 7 часот, ги подготвувам, Драган ги носи на училиште, средувам по дома, правам кратко истегнување на телото и седнувам на компјутер да ги работам фотографиите кои ме чекаат, а кои секогаш ги има во голем број. Кафе пијам многу ретко, само кога Горазд од маалското кафулето “Ѕе“ ќе ми направи превкусна комбинација со карамела или некоја друга слична вкуснотија.

 И кога се собираме со другарките да си гледаме на кафе, ама тоа е друг муабет. Пијам по литар чај секое утро. Од скоро имам нова активност која многу ме радува, а тоа се утринските часови по aerial-fit. Секој вторник и четврток уживам во “летањето„ на платно. Додека се децата на училиште, до 15 часот, пробувам да завршам што е можно поголем број фотографии. Тука се фотографиите од концертите на Филхармонија, фотографии од разни промоции, како и фотографиите од нашите семејни патувања, за кои Драган пишува текст и ги објавуваме на нашиот блог (www.afamilyontheroad.com). 

По земање на децата од училиште, следуваат воншколските активности, часови по клавир и модерен балет, па додека завршиме со се тоа, доаѓа вечер. Имаат половина час да гледаат цртан филм на телевизија, јадеме, обавезно има пеење и играње и околу 21 часот ги подготвувам за спиење. Потоа повторно седнувам на компјутер и им се враќам на фотографиите. Ја сакам тишината на ноќта. Со Драган често правиме пауза од работата пред компјутер и седиме на балкон, а бидејќи сме на 9 кат, имаме супер поглед на Скопје. Уживам да го гледам градот како заспива, ги гледам прозорците кои се гасат, се намалува бучавата на денот. Уживам во звукот на птиците навечер. Уживам во разговорите со Драган. Не сум човек кој многу сака да спие, па така често останувам будна до доцна во ноќта. Кога фотографирам концерти навечер, се враќам подоцна, ама повторно следи нашиот ритуалот на балкон.

Би сакала да имам повеќе време да одам на вечерни медитации со моите пријатели, но кога не фотографирам навечер, најчесто не ми се излегува од дома. 

За викенди, обично одиме на некоја планина или патуваме надвор од Скопје. Сакаме да сме во природа, таму си ги полниме батериите. Убаво ни е кога сме заедно сите четворица. Каја и Веда се качија прв пат на Водно, до врв, на 2 ипол години. Од тогаш, често планинариме заедно. Последно, бевме на тура од Папрадиште, преку Чеплес, до Долна Бабина Дупка, што се наоѓа под врвот Солунска Глава. Ако не сте биле, обавезно да одите, природата е магична и воодушевувачка.

Денот го завршувам како и што го почнувам, со благодарност, за денот кој поминал, за новото искуство, за убавите луѓе кои сум ги сретнала тој ден, за животот, за нас.

Маја Аргакијева, фотограф