Утринско кафе со Маја Бабиќ: Имам будилник на четири нозе

Денот ми започнува околу 6 часот, бидејќи имам прецизен будилник на четири нозе.  Инаку, по природа не сум ранобудник, всушност сум голема спанка, но мојот миленик Дилан е тој што диктира кога треба денот да започне. Ми треба време да ми „проработи„ организмот, па затоа преферирам првите час и половина да ги поминам во тишина, сама со себе, и со голема доза на кафе. Во овој период полека го будам организмот и ги артикулирам мислите, правам план за денот што следи, набрзина прелистувам што има на социјалните мрежи и нормално добивам доза гушкање со Дилан. За неговото утринско шетање е задолжен сопругот а јас добивам екстра време за подготовка. 

Ме мотивира сончев ден без исклучок, ме мотивира кога знам дека денот ќе ми биде исполнет со средби и со состаноци со различни луѓе за различни проекти. Работата ми е голем мотив во животот. Во последно време знам да се заблагодарам на сето она што го имам и да си повторам себеси дека треба да бидам благодарна што животот ми дарил луѓе што ме сакаат и кои заслужуваат да бидат сакани. Се радувам на успехот на најблиските и тоа ми дава дополнителен мотив. Последниве години голем мотив ми е и љубовта која ја добивам од Дилан, тој ми дава огромна енергија а од него учам и тренирам смиреност и трпеливост.

Една од работите за кои сум благодарна во животот е дека ниту еден ден не е налик на претходниот. Можеби шаблонот е сличен – дома, работа, дома, но содржината е секојдневно различна. Работата ми дозволува сама да си го одредувам темпото, можам да работам и на отворено, во парк, во канцеларија, на терен.  Но, секогаш предизвикот е различен. Најчесто работам паралелно на неколку проекти и сакам во секој од нив да пронајдам доза адреналин зашто тоа ми е главното гориво во мојот живот. Никогаш не сум работела со стриктно работно време што јас го сметам за предност. Не сум човек кој може да биде затворен во четори ѕида со стриктно работно време, но затоа знам да сработам се во 2 по полноќ ако за тоа имам инспирација. Исто е и со домашните обврски, попрво ќе ме начекате како пеглам или средувам навечер отколку наутро.

Колку и да имам работа или обврски, попладневните часови се секогаш резервирани за долга прошетка со Дилан и за дружба со моето „кучкарско„ друштво кое исто така ме исполнува. Тоа се моменти за релаксација и за физичка активност. Не сум вљубеник во физичките или спортски активности, но ете обврската кон кучето ме натера и на ова. Во вечерните часови преферирам да останам дома, некако се заситив од излегувања и забави, па ако можам остануваме дома, во релаксирана атмосфера. Со оглед дека со сопругот заедно работиме, неминовно е навечер да одвоиме време за сумирање на денот што поминал, за правење на планови за наредниот период а многу често знаеме да влеземе во креативна фаза и да доаѓаме до нови идеи и решенија за некои идни проекти.


Книги се поретко читам што и не е за фалба. Очигледно социјалните мрежи на некој вештачки начин ни го заменија вистинското читање. Се уште купувам  книги, но се поретко ги читам. Можеби е само фаза, можеби повторно ќе се вратам на мојата огромна љубов, книгата. Но, сакам да изгледам добар филм во друштво со сопругот, а најчесто во недостаток на добар наслов се навраќаме на старите добри комедии кои знаат убаво да не релаксираат по работниот ден. Серии не гледаме многу, освен „Играта на престолите“, а јас периодов ја гледам и „Приказната за робинката“. Чудна и болна приказна која треба да ја изгледа секоја жена.

(Маја Бабиќ е менаџер на настани од „Баги комуникации“)