Утринско кафе со Маја Божиновска: Ретко излегувам без книга, читам каде ќе стигнам

За мене секој нов ден преставува нова борба, нова надеж , нова можнoст да се случи нешто убаво, дури и тогаш кога мојот мозок се буди со сиви мисли, се трудам да ги избришам и да размислувам шаренолико. Првото утринско кафе го пијам рано наутро или со мојата мајка или со моето момче, во зависност од околностите. Разговорите со овој вториот соговорник,  секогаш се однесувааат со коментирање за филмот или серија која сме ја гледале претходната вечер, па така од прилика ми почнува денот, зборување за фиктивни ликови и нивните животи.

Ме мотивираат луѓето кои ги сакам, моите пријатели, моето семејство. Мотивацијата често ја наоѓам во малите нешта, може да ме мотивира некоја обична реченица,  странец кој ќе го видам на улица, разговор со некој близок, музиката која ја слушам, книгата која ја читам, филмот кој го гледам.

Моите дневни обврски се карактеризираат со разноликост, секогаш се различни. Понекогаш тоа е хонорана работа за агенции, работење „freelancing“, во комбинација со моите стандардни обврски. Како задолжителен дел од мојот дневен план е секогаш читањето книга, ретко излегувам од дома без книга, читам каде ќе стигнам, а во зависност од расположението и слободното време, понекогаш сакам и да зготвам нешто.

Последните две години, моите дневни обврски беа поврзани со пишувањето на мојата прва книга „Флерт, уцени и високи потпетици“ која изминатите денови ја имаше својата промоција на саемот на книга, издадена од издавачката куќа „Сакам Книги“. Станува збор за модерна, македонска приказна која верувам нема да остави никој рамнодушен, најмногу заради темите кои ги обработува-проблемите на пазарот на трудот, тежината на пријателствата, љубовните триаголници, аферите...Книга која ќе ве замисли и која ќе ве инспирира повеќе да ги цените пријателските и љубонните врски и да не ги земете здраво за готово. Одвај ги чекам коментарите на оние што ја прочитале! Во следниот период моите дневни обврски и понатаму ќе продолжат да бидат поврзани со оваа моја пасија, затоа што веќе почнав да работам на нова приказна, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. 

Секогаш сакам да го завршам денот во друштво со моите најблиски,  со нив смеењето е секогаш загарантирано, а има ли пооубав завршеток на денот од овој.

Секогаш книгата ми е на прво место. Книгата го овозможува она невозможното. Да можеш да ѕирнеш во мислите на некој друг и да видиш како размислува. Можеби личноста не е вистинска, но секогаш може да ја поистоветуваш со некој вистински. Со филмот тоа е невозможно. 

 (Маја Божиновска- економист и автор на книгата „Флерт,уцени и високи потпетици“)