Утринско кафе со Маја Станковска Костова: Ме мотивира добро завршена задача

Рано започнување на денот за мене е природно. Независно кога завршил претходниот ден, се будам околку 6 часот. Првиот час си го посветувам на себе пиеејќи го првото утринско кафе, а потоа се будат  децата и сопругот и започнуваат утринските подготовки за работа и училиште. Љубител сум на кафе, пијам и второ утринско кафе со колегите на работа, веднаш штом ќе пристигнам на работното место во „Кроациа Осигурување Живот“.

Работниот ден го започнувам со преглед на дневните активности и рокови за завршување на задачи, а потоа започнуваат координативните состаноци. Задоволство е да се биде дел од тимот на „Кроациа Осигурување Живот“, мојата позиција е доста динамична и вклучува активности од разични аспекти во работењето: комуникацја со осигуреници, колеги, надворешни соработници, подготовка и извештаи и развојни активности. Динамичната работа и неможноста да се испланира денот во целост носи бројни предизвици кои во текот на денот ме носат надвор од комфорната зона, а на крај на денот исходот е задоволство, исполнетост, научени лекции и спремност за нови предизвици.

Ме мотивира добро завршена задача, прошетка во пририда и дружење со семејството.

Попладневните часови ми се исполнети со семејни обврски, носење на децата на дополнителни активности од училиште, помош и проверка на домашните задачи. Вечерта е период кога целото семејство е дома, споделуваме како поминал денот и кои се активностите за следниот ден.

Денот го завршувам со читање на неколку страни од книга што ми помага да се опуштам пред спиење. Сакам да гледам филм, но секогаш во друштво дома или во кино.

* Маја Станковска Костова, Директор за поддршка на продажба и едукација во „Кроациа Осигурување Живот“