Утринско кафе со Марија Георгиевска: Денот ми почнува со „машки“ муабети, ми завршува со пилатес

Денот ми започнува со еден добар stretching на целото тело бидејќи сум активна физички во текот на денот. Го будам прво телото, па потоа се будам себе си со едно јако утринско кафе. Го пијам најчесто дома затоа што сакам да се напијам кафе кое ќе ме држи будна во текот на денот кој ми е динамичен до бексрај. Потоа се разбира  пијам некој енергетски шејк домашно направен и се упатувам кон мојата работа.

Денот ми почнува со „машки“ муабети за разлика од повеќето девојки/дами. Со колегите дискутираме за новите модели на возила кои ги имаме, кои треба да ни пристигнат, за јачина и брзина на мотор на возилата, за поправка и за сервис.. Работам во најдобрата компанија за продажба и сервис на премиум бренд возилата BMW и MINI за Македонија и Косово. Работата ме исполнува и мотивира многу и воопшто не ми е напорна затоа што работам со млад тим на колеги кои внесуваат свежина, ведар дух и енергичност во работата. Има една хармонија и координираност во работењето, а притоа се работи постојано со клиенти, со услужување на истите и затоа треба да си постојано насмеан и позитивно расположен за да секој клиент биде задоволен, како што всушност е и мотото на компанијата: „Задоволство во возењето“.

Покрај мојата работа која што ја сакам, имам една огромна страст и љубов кон пилатесот од каде ја црпам сета позитивна и неизмерна енергија што ја имам. Ете тоа значи нешто да те мотивира од стапалата на нозете. Јас сум пилатес инструктор и моментално држам часови на две локации. Огромно е задоволството кога го пренесуваш своето знаење и вештина, а воедно и придонесуваш за убавиот физички изглед на многу девојки и жени. Насмевката и испотените лица и тела на крајот од часот е огромна мотивација. Пилатесот е најдобра вештина за формирање на женското тело, нешто што го научив низ годините бидејќи нема што немам пробано од спорт и од физичка активност.

Денот ми завршува со посета на спа-центар или со вечера со пријателите. Сакам да го поминам времето во мир и тишина во кругот на семејството затоа што денот ми е динамичен секогаш. Знам да одгледам некој добар филм или серија, да прочитам некоја книга, да отидам во кино или театар, но најчесто времето го поминувам во подготовка на програми и часови за утрешниот тренинг.

(Марија Георгиевска е пилатес-инструкторка)