Утринско кафе со Марија Костовска: Амбициите се тие што ме водат и мотивираат како дизајнер

По утрото денот се познава велат, а моето утро е незамисливо без утрински туш и убава музика во позадина.

Пред почетокот на пандемијата утринското пливање беше приоритетно и незаменливо. Некој вид утрински мир кој начесто го правев сама.

Сега се задоволувам и со утринско трчање, но набрзо се враќам на пливањето повторно. Моето прво кафе во комбинација со цеден сок го оставам за на работа. Првото кафе и не преставува нешто без кое не би можела да го замислам денот, бидејќи во многу денови тоа е и последно. Ама сокот од природно овошје или зеленичук е нешто што просто го обожувам.


Во зависност од денот кафето го пиам сама или со пријатели. И во двата случаи друштвото ми е одлично (се смее). Јас сум девојка која е родена со насмевка, и насмевката на лице ми е поважна и од утринското кафе. Таа е нешто без кое не можам да си го замислам денот.

Секој човек има своја цел, свој сон, или некој свој идеал. Животот без сон искрено мислам дека е залудно потрошен. Амбициите се тие што не водат и мотивираат. Што сакаме, и колку сме спремни да жртвуваме за истото. Пред да станам дизајнер, првично бев такмичар во бокс и кик бокс. Благодарение на овие два спорта научив дека што и да замислиш или посакаш е возможно, само доколку си упорен истраен и секако храбар. Во рингот нема откажување, одиш на се или ништо.


Тоа мото ме води речиси во се. Често пати луѓето се плашат да излезат од својата конфорна зона, да дадат, или да изгубат нешто, за да го добијат тоа што го сакаат.

Но морам да ви признаам нешто, прекрасно е чуството кога ќе постигнете нешто што сте го замислиле како своја цел, и притоа сте дале и жртвувале се за истата.

Кога сте решени да постигнете нешто од нула, вашите дневни активности се работа, работа и само работа. Една стара поговорка вели 1% талент 99% работа.

Моите работни обврски започнуваат во 9 наутро, а завршуваат понекогаш и во 03:00 изутрина.


Знаете многу е лесно како дизајнер да нацртате прекрасна венчаница, или некое детско свечено фустанче ама да ја сошиете истата, е тука веќе е проблем. Во животот сите имаме учители, ментори или водичи, кои ни помагаат и учат. Но на крај од денот останува се на нас. Би било прекрасно да можат туку така да ни го подарат своето знаење, но без работа се е залудно.

Често знам да кажам, личноста која ми ја отвори својата врата, и прифати да ми е учител ме научи дека цртежот не се облекува, туку сошиениот фустан.

Пред неполн месец започнав како тренер на мали дечиња од 6 годишна возраст. Тренингот е приквечер и буквално одвај чекам да ги видам тие прекрасни мали човечиња кои влегуваат во салата. Тоа ме релаксира и опуша од целокупните обврски и луѓе. Нивната чиста и невина радост, желба и љубопитност е посебна и незаменлива.

На крајот од денот сум дома со семејството. Доколку немам некоја работа која сум ја оставила за вечерта сакам да си дозволам конфорт и одмор.

Доколку би требала да бирам помеѓу книга и филм, без двоумење тоа би било книга. Сакам да читам премногу и секое слободно време го користам за книга.


За мене книгата е исклучување од цел свет, од сите грижи и притисоци. Обожувам да читам мотивациони книги, психолошки, и научни. Моментално ја читам "Калуѓерот што го продаде своето ферари" од Робин Шарма.


Оваа книга сакав да ја читам уште многу поодамна но случајно ми ја подарија. Особено ми се драги подарените книги, имаат особено значење за мене. Дури доколку би требала да бирам помеѓу нова книга или распарталена од драга личност, секогаш би ја одбрала втората.


(*Марија Костовска - Дизајнер)