Утринско кафе со Марија Тасев: Ме мотивираат луѓе кои ме учат за достоинство

Денот ми почнува в мугри кога градот уште спие, а јас и моето куче Бони веќе сме ги прошетале парковите во Аеродром. Нема поубаво чувство, додека сабајлечки уште мириса на свежа трева, а со Бони веќе трчаме како да немаме компас. Е, по таа среќа, може кафе, а кафето сакам да го пијам некаде надвор, во моите омилени кафулиња. Сакам убаво кафе, ароматично и најчесто првото утринско кафе го пијам сама. Освен за викенд, кога сите сме дома, па првото кафе го чести Дарко. Кафето за мене не е ниту е ритуал, ниту навика, туку момент за опуштање, кроење планови и луди идеи (се смее).

Во моментов интензивно работам на изградба на Куќата за родители. Наменета е за оние родители чии деца се на подолг престој во болница. Нема потежок ден од ден поминат со мајстори. Но, исто така многу е сладок резулатот на крајот од денот, кога е обновен некој дел од куќата по толку исчекувања. Нетрпелива сум околу изградаба, знам дека има семејства што чекаат да се сместат во неа, немаат каде на друго место. Сметам дека родителите чии деца се лекуваат долго на Клиника, треба да имаат достоинствени услови за престој, место каде ќе можат да земат сила, да се борат заедно со детето се додека не ја отепаат болеста. Во куќата секој родител кој не е од Скопје, а има дете во болница, е добредојден. Мото на Здржението САНО, каде сум претседател, е „Имам една желба“.

Ме мотивираат храбри и необични луѓе, оние кои ме учат за достоинство. Ме мотивира мојот син, поточно неговата волја да го смени светот, иако има само 14 години.

Не сум сигурна кога ми завршува денот. Некогаш работам и доцна навечер, па често ми се случува да спијам само по три-четири. Сосем доволно за мене.

Сакам и филмови и книги. Во последно време вниманието ми го привлекува европскиот филм, особено француските. Не знам зошто, но  ми се бендисува како е претставен начинот на кој размислуваат французите, што зборуваат и како се однесуваат. Понекогаш, кога гледам стари европски филмови, сфаќам дека се безвременски. Белетристика во моментов не читам, но во последно време, уплашена од заборавање, читам енциклопедии. Ми се допаѓаат информирани луѓе.  

* Марија Тасев, новинар и претседател на Здружението САНО