Утринско кафе со Марија Трајковска: Со омилената музика ја иницирам среќата и создавам позитивни вибрации

Во 6 наутро денот ми започнува со чаша вода, читање на најновите вести и секако, што има на социјалните медиуми. Во 6:30 сум спремна за будење на телото, растегнување и вежбање со омилената музика со што ја иницирам среќата и создавам позитивни вибрации кои ме одржуваат во текот на денот. 7:30 е подготовката на појадок и првото кафе, долго еспресо, без шеќер.


9.00, полека се раскомотувам и адаптирам во канцеларија, се отвора компјутерот, се средуваат расфрлените хартии останати од претходниот ден и секогаш од десната страна си оставам по некое чоколадо за секој случај, да не затреба (а често затребува)

9:30 е време за второто кафе, прво во канцеларија, односно просторијата каде што повеќе перспективи создаваат нешто уникатно и афирмирачко. Потоа ми започнуваат планираните или пак, утрото иницирани работни обврски, разговори со соработници и клиенти  од различни дејности, од кои секојдневно се учи, комуникација со интересни ликови со свои автентични приказни.


Тековно со низа деловни алатки и рамки создаваме „големи идеи" за оние кои ни се обратиле, веруваат во нас и имаат потреба од нашите услуги.  

Работа во ПР агенција и воопшто маркетинг индустријата е сé само не досадна. Деновите поминуваат брзо, динамично и се проследени со бројни предизвици. Добриот план, организацијата и прецизната имплементација на проектите се клучни за континуиран успех. Секако, потребна е позитивна енергија и креативност, кои најчесто се на високо ниво, но некогаш имате мотивационен  пад и прашувајќи се каде исчезнала таа инспирација, барате начин да се „кренете“. Во Елемент ПР секогаш имате поддршка “и во добро и во лошо“, па затоа ми е драго што сум дел од тимот.


14.00, време за ручек и трето - последно кафе, повторно еспресо, но овој пат кратко, па продолжуваат работните обврски и чести состаноци.

17.30 – 18.00 завршува канцеларискиот дел од работата, но не и работните задачи. Но кога го работите она што го сакате и кога ќе поставите баланс на приватниот живот и работата, нервозите се елиминирани.

Следува пијалaк со пријателите, или вечера. Секогаш се радувам на летото и многу сакам кога можам да седнам на некоја отворена тераса.


Пред спиење, овие денови сум посветена на креирање планови за летниот одмор. Заслужен. Секогаш кога патувам сакам сé да дознаам за местото каде што одам, па пред да ме фати сонот, читам блогови со информации што и како да посетам. 


Марија Трајковска -  директор за односи со јавност во Елемент ПР