Утринско кафе со Мартин Данчев: Неправдата ми е предизвик

Најчесто денот ми започнува со чаша вода веднаш по станување и секогаш убав и здраво подготвен појадок (многу често импровизирам со рецепти за најразличен вид на омлет). Во состав на појадокот следува и една брза мисловна организација и потсетување за обврските кои ми се испланирани за денот, со доза на само-мотивација и позитивни мисли! Сум голем љубител на кафе (исклучително горко) и најчеста навика ми е првото кафе да го испијам сам во студио пред да почнам да работам на било кој музички проект, во друштво на омилени музички артисти како и откривање нови имиња.

Мотив и инспирација црпам од секогаш најралзични ситуации. Некогаш знае да биде најситен детал, па сѐ до мисли за самото постоење на универзумот и ние како дел од него. Сепак како главна мотивација би ја издвоил само мотивацијата која ни доаѓа од внатре, од многу подлабоко место одколку што ние мислиме. Лично сметам дека секој човек би требало многу да работи на неа. Таа е тесно поврзана со свеста на човекот за самиот себе и перцепцијата за работите околу него. Јас лично во животот секоја препрека (и неправда) ја гледам како предизвик, кој знам дека ако го надминам сум мрднал чекор понапред кон станување подобра, посвесна и позрела личност. 

Иако првото нешто што ќе го набројам како обврска на дневен ред, признавам дека без тоа не можам да си го замислам моето секојдневие. Поминувам од 6 до 8 часа во моето студио, каде што поголем дел од времето го употребувам во компонирање и продуцирање музика, посебно овој период. Дел од денот го посветувам и на фамилијарни обврски меѓу кои е да го изнесам на прошетка Арон. Тоа е мојот прекрасен верен другар - лабрадор што секогаш највеќе се радува на изреката: Кој ќе шета?  Останати обврски без кои не ја поминувам неделата се тренинзите и постојана физичка активност.

Денот ми завршува најчесто со тренинг во теретана за време на работни денови и добар туш потоа. Вечерта ја минувам во убаво друштво со блиски пријатели. Често пати излегуваме во некои локали или ресторани низ градот. За викенд секогаш најразлично, често и надвор од Скопје. Секако има денови и кога сакам да сум дома, некогаш со маратонско гледање на филмови во фино друштво, или пак со смеа и убави долги разговори. На крајот на денот она што ни останува како трајно сеќавање најчесто се оние моменти кога забораваме дека времето и воопшто постои, кога часови ни се чинат дека минале во една секунда. Чувајте ги тие луѓе кои ви прават така да се чувствувате!

Периодов морам да признаам дека повеќе сум накај филмовите. Можеби затоа што скоро почнав малку повеќе да навлегувам во монтирање и едитирање видеа па сега тоа ми е поинтересено, но некогаш и една прочитана реченица може да биде токму таа што сме ја барале да ја прочитаме и слушнеме веќе некое време. Случајност? Не знам, можеби.

* Мартин Данчев, дипломиран пејач на Факултет за музичка уметност, и музички продуцент