Утринско кафе со Маги Медичи: Сакам да ми е сè испланирано за наредните шест месеци

Станувам многу рано, околу 6 часот секое утро. Тоа ми е омилениот дел од денот зошто времето си го посветувам само на себе, на моите утрински ритуали, време без да ѕвони телефонот без престан или да пристигнуваат нотификации за закажување шминка и козметички третмани на лице. Првото кафе секогаш го пијам сама, гледам ТВ или читам интересни содржини од мојата работна област онлајн.

Ме мотивираат успешни и паметни луѓе со среќен дух, од кои можам нешто да научам и да се воодушевам. Ме мотивираат нови креативни идеи за работа, ме мотивира личниот успех, и успехот на оние што ги почитувам. Ги обожавам оние неколку луѓе кои ме мотивираат мене лично и ми помагаат кога паѓам, побрзо да се кренам преку нивната љубов поддршка и некој корисен совет.

Секој ден одам на работа, козметолог сум по професија па секојдневно имам обврски околу третманите за лице, а многу работам и за време на викендите бидејќи сум шминкер, па најчесто тие денови се главните животни настани. Кај луѓе со мојата професија ретко може да се прави план за работа, најчесто тоа е од денес за утре или барем за блиска иднина, иако конкретно јас сакам да ми е се испланирано за наредните шест месеци хахаха.

Денот ми завршува уморно, исцрпено, психички и физички, зошто знаете дека ние освен што се грижиме за убавината на луѓето, понекогаш сме и психолози во склоп на работата. И тоа знае понекогаш да ме доумори. Но не можам да кажам дека не се враќам среќна и исполнета. Си ја сакам работата и моите клиенти. 

Вечерта ми завршува најчесто во домот со партнерот. Понекогаш излегуваме да се видиме со пријатели, заедно или посебно, но најчесто сме дома со Нетфликс некоја лесна вечера и спонтан разговор околу тоа како ни поминал денот. Неколку пати неделно вежбам онлајн, ама често заради уморот си наоѓам причина да го рипнам вежбањето.

Наутро или преку ден книга, а навечер филм. Заспивам брзо, а за книга ми треба да сум убаво сконцентрирана за да ја читам со внимание.

(*Маги Медичи- шминкер, козметолог, стилист)