Утринско кафе со Мирјана Трпческа: Ме мотивира работата преку која допирам до луѓето

Јас сум една од оние луѓе кои не можат да станат веднаш од кревет да се средат , облечат и да им се предадат на обврските. Моето будење трае подолго, некогаш и на штета на мојот сон, се будам порано час или два за да можам да имам повеќе време и да го подготвам организмот за дневните обврски.Се разбира тука е големата шоља„турско“ кафе кое го пијам исклучиво додека ги подредувам во главава дневните обврски и „шетам“ по странските и домашни сајтови за случувањата во текот на денот и оние што претстојат. Првото кафе кое најчесто ми е и единствено во денот, откако пред осум години ги оставив цигарите, го пијам сама со себе.

Со светски познатиот пијанист Ричард Клајдерман


Моите дневни планови и обврски покрај професионалните поврзани со ангажманот на дебатната емисија „Само Вистина“ и активностите околу уредувањето на вестите на Канал 5 од пред извесно време се поврзани и произлегуваат од потребите и желбите на син ми Мартин, мајка ми Марија и партнерот Јовица, но се разбира и од моите потреби и ангажмани.

Во студио со собранискиот претседател Талат Џафери


Имам повеќе мотивации, а најголемата е мојот син Мартин кој ми е и најголема и безрезервна  поддршка. Сега веќе како млад човек со огромно разбирање за она што го работам - новинарската професија, речиси две и пол децении, 14 години во МТВ и десетта година во Канал 5. 

Трпческа со синот Мартин


Ме мотивира можноста преку мојата работа да допрам до голем број луѓе и на многу едноставен начин да им соопштам и да ги информирам за најновите случувања кај нас и во светот. Ме мотивира фактот што преку таа работа вградуваме тули во она што се нарекува Република Македонија. Работам одговорна работа и со многу респект кон јавноста, а таа е тука да суди колку успешно или не го правам тоа. Ме мотивира можноста Македонија да стане поуспешно и понапредно општество. Нашите граѓани го заслужуваат тоа, а ние сме сите должни секој со својата работа да ја помогнеме таа можност.

Пред седиштето на НАТО во Брисел 


Денот ми завршува или со седенка со драги луѓе или со спортување со син ми, кога може да ме дружи на моите пешачења кои ги правам секогаш кога можам да најдам време, а се трудам да го најдам во текот на денот. Тоа ми е како мантра, иако мојата линија не е потврда за таквата активност (се смее). Во последно време повеќе сум „свртена“ кон книгите, а кога сакам филм преферирам да гледам во кино.