Утринско кафе со Митко Гогов: Обожавам да бидам опколен со луѓе

Деновите ми започнуваат секогаш различно, склон сум на експериментално живеење и некаква борба со задржување на нормален биоритам. Некогаш тоа може да биде и пред изгрејсонце, а некогаш и длабоко во денот.

Деновите ми започнуваат секогаш различно, склон сум на експериментално живеење и некаква борба со задржување на нормален биоритам. Некогаш тоа може да биде и пред изгрејсонце, а некогаш и длабоко во денот. Важно ми е кога ќе станам да повежбам малку јога, но истовремено ми се важни и непроспиените ноќи во кои најчесто творам, проверувам одредени текстови и материјали на кои работам или едноставно се оставам на чувството телото да се носи со неговиот (не)умор, оставен на вообичаените предизвици кои можеби ни станаа и соодветни пороци – социјалните мрежи. Едноставно, желбата за таа доза на информации мене ми е потребна и најчесто и најблаго поминува со кафе.

Сè зависи од тоа што имам на распоредот со обврски, првото кафе најчесто го пијам со мајка ми, а следните во зависност од тоа дали сум останал да работам дома или да се видам со некој од соработниците, колегите или пријателите и да продолжиме со позната струмичка денска шема.

Голем љубител сум на природата и прошетките и кампувањата во планина, тие знаат да дадат посебна нијанса на сè што создавам, комуникацијата со блиските ми е исклучителен двигател во моториката на моите мисли, овде се разговорите кои траат со часови, денови, години, темите кои го надополнуваат мојот карактер, без разлика дали станува збор за духовни и спиритуални теми, или пак за општествени или оние кои најмногу ми се во областа на интерес, оние поврзани со културолошките процеси, градењето на глобални културни политики и секако сите оние гостувања на поетски фестивали и настани кои се своевиден мегдан да слушнеш нешто ново и секако, да се втурнеш во една нова авантура од која на крај излегуваш побогат и поинспириран за иднината.

Инаку да, пијам многу кока кола, исто така сметам дека е исклучително важна во мојот живот.

Дневниот распоред ми зависи од тоа во каков (креативен) период се наоѓам. Доколку треба да бидам дома и да прочитам неколку стотици поети кои се дел од некој од конкурсите каде жирирам, тогаш се посветувам на мојот осаменички период во кој целото внимание го посветувам на авторите. Тогаш не знам за ден и ноќ, тогаш работам онолку колку има бензин во мозокот и телото, доколку пак сум вклучен во организација на дел од настаните кои ги организираме со здружението „Контекст – Струмица“, меѓу кои се: Меѓународната манифестација „100 Илјади поети за промена“, „Роднокрајни поетски средби“ или некоја од активностите на Светската унија на поети, тогаш тоа наложува и поголема мобилност, што значи дека сум некаде во градот, или истражувам алтернативни простори или пак сум во потесни разговори со сите оние кои се дел од приказната која ја градиме во Струмица во овој сегмент.

Како дел од пријатните дневни „обврски“ со години ми се читањето на неколку десетици страници од некоја од книгите кои се околу мене и ноќното гледање на еден или повеќе филмови. Деновиве на големо со мојот колега, поетот Сотириос Пастакис од Грција работиме на најновата поетска антологија „Балкан експрес“, која до напролет треба да влезе во печат, а дава една поинаква слика за Балканот на кој сме навикнати, т.е. на оној во кој се вклучени само екс–ју државите, овој пат заедно со Грција, Бугарија, Романија, Турција, Косово и Албанија, а штотуку заврши доделувањето на првата награда „Антево слово“ во Сицилија, во чест на Анте Поповски каде се наоѓам во функција на организатор. Интернационалната антологија на која работам како еден од членовите на бордот на директори на „Axlepin Publishing“ од Филипините која ќе биде збир на поезија, фотографија и уметност и во истата ќе бидат застапени уметници од цел свет е исто така дел од моите дневни обврски.

Најчесто, ако речиси и не секогаш во друштво, обожавам да бидам опколен со луѓе (мислам дека тоа го посочив и погоре), за мене човек е побогат во животот доколку е опкружен со вистински пријатели и искрени разговори. Секако, би сакал да е овде и девојка ми, но нејзините студии во странство овој период не ни дозволуваат да бидеме заедно, па има и вечери кога наместо offline забавата со пријатели, на големо срце ги прифаќам online разговорите за искуствата кои ги поминуваме во оваа наша ситуација. Овде се и внуките од мојата прва братучетка, последнава година се радувам на секоја средба со нив, на нивната полетна амбиција, на нивниот начин на гледање на светот, на моментите кои само тие умеат да ги раскажат уникатно и на нивен начин, а се актуелни и со тоа забавни и за мене речиси исто како за нив. •

Нормално дека сакам филм  и книга. Таа животна желба ме донесе на патот кој го врвам повеќе или помалку. Имам искуство со работа на филмски фестивали во Македонија и надвор и тоа од старт ме интегрираше во светот на кинематографијата, дури и самиот имам неколку обиди, така за мене добар филм е и како добра храна, како нешто што треба задолжително да се изгледа и да се прифати целиот мисловен процес кој еден филмски продукт / дело ти го нуди. Филмот е спектар од анализа на режијата, глумата, фотографијата, музиката, продукцијата, тематиката и начинот на кој таа е донесена на филмското платно, затоа филмот има исклучително место во мојот интелектуален развој, повеќеслојноста и компаративност на мислења се многу важни за одржување на кондицијата на мозокот. А книгите, за нив би можел на долж и на широко да глаголам, да ја елаборирам нивната важност во мојот живот, но да не ја должиме, стана време за ново кафе.

Читајте книги, нема ништо да изгубите, напротив, нека ви се слатки сите прочитина приказни, стихови, нека ви се погодат, како ѝ изборот на вашето омилено кафе.