Утринско кафе со Моника Бориќ: Динамичноста на работата ме исполнува

Денот ми започнува во 7:00 часот со голема шолја кафе кое обично го пијам сама. Веројатно тоа е и единствениот дел од денот што го поминувам сама. Тоа задоволство трае околу 30 минути, во меѓувреме се подготвувам за на работа и размислувам околу дневните планирани обврски.

Во животот главна мотивација, причина за насмевка и среќа ми е Филип, мојот син, тој ме исполнува со позитивна енергија секојдневно, но секако како мои мотиватори и поддржувачи во сè, се мојот сопруг и семејството.

Во работењето ме мотивираат позитивни, искрени луѓе на кои што можам да им верувам и секогаш, ама секогаш добро сработена работа. Во Кроациа осигурување работам во банко тимот и имам среќа што работните часови ми поминуваат со тим кој е пред се професионален, позитивен и секој предизвик е само дополнителна инспирација за нас.

Моите планови и обврски обично ги планирам кон крајот од работниот ден, за следниот. Не можам да кажам дека не излегуваат непланирани нешта ама добро се справувам организациски. Работата ми е секојдневна комуникација со луѓе, состаноци и патувања. Динамичноста на работата ме исполнува затоа што сакам денот да ми биде исполнет во целост.

Мојот работен ден обично завршува околу 17:00 часот, а остатокот од денот го поминувам со Филип. Шетаме, играме, гледаме цртани, цртаме и чкртаме по ѕидовите дома. Секој ден е речиси ист - вечера, капење, гушкање и спиење. Во секој момент кога дозволува секојдневието, излегувањето на свирка и пијачка или некоја кафеана со блиски луѓе кои ми значат, е топло добредојдено.

Во овој период од животот немам многу време, денот ми е целосно исполнет. Единствено кога Филип ќе заспие, знам да изгледам некој филм или некоја епизода од серија за опуштање, но во слободно време сум и за добра книга.

*Моника Бориќ - Менаџер за развој на финансиски институции во Кроациа Осигурување