Утринско кафе со Наталија Мановцева Славкова: Мислам дека сум од ретките кои сакаат и уживаат да одат на работа

Првото утринско кафе го пијам со себе, со мојата душа. Се подготвувам за работните обврски, ја насочувам мислата, афирмирам и изразувам благодарност. Потоа на сцена настапуваат минути за гушкање, и размена на љубов и енергија со моите три сонциња, моите прекрасни деца, кои ми ги полнат батериите за престојниот ден. За време на викендите и слободното време, утринското кафе го пијам во друштво на сопругот, а особено ми е драго пиењето на тоа утринско кафе во негово друштво на нашата викендица, истовремено воспримајќи ја убавината околу нас со сите мои сетила.

Ме мотивира утринското сонце, ме мотивира прошетка во природа, ме мотивира пешачењето на Водно, ме мотивира добра книга, ме мотивираат моите деца со сите нивни прашања, споделувања, искуства, успеси на секое поле, нивната искрена насмевка, нивната храброст и сè уште неискварена искреност, ме мотивираат моите неколку искрени пријатели, ме мотивира мојот сопруг со неговата упорност, ме мотивира работатата, ме мотивираат наградите кои ги добивам како резултат на мојот работен ангажман, ме мотивираат задоволни клиенти, ме мотивира промената во свеста која се случува кај нив по однос на прашањето за осигурување, ме мотивираат моите колеги, ме мотивира добрината кај луѓето, ме мотивираат мигови исполнети со смеење и радост, ме мотивира љубовта. Уште многу работи ме мотивираат но одвоив само неколку од нив за вашата рубрика.

Во зависност дали е работен или неработен ден, така и ги организирам моите дневни планови и обврски. Во текот на работната недела, мојот ангажман во текот на работните часови е целосно насочен кон работните активности. Максимално сум посветена, ефикасна, лојална и продуктивна, а сето ова се покажа и низ сите награди кои ги добивам последните неколку години откако сум во оваа компанија. Мислам дека сум од оние ретките кои ја сакаат својата работа и уживаат да одат на работа, за што сум бескрајно благодарна и среќна. Истовремено сум благодарна на целиот тим во мојата компанија и за сите успеси кои ги постигнуваме.

Во слободните денови, како и после работните часови, моите планови и обврски се насочени и се водат по моите деца. Сите три деца се спортисти, за што верувајте потребно е време и одлична организација сите да бидат разнесени на тренинзи, натпревари, кампови и слично, а за тоа имам огромна помош од мојот сопруг и заеднички со добра организација секој стигнува на време таму каде што треба. А и ние како родители сме целосно посветени на нивните спортски кариери и го следиме секој нивен натпревар каде и да се одржува, и сме дел од сите нивни достигнувања. Верувам дека кога  се има добра комуникација, добра волја и организација, и кога ќе ја насочиме мислата и енергијата кон постигнување на било каква цел, успехот е неминовен.

Денот ми завршува со добра комедија. Сакам да гледам филмови, особено филмови кои ме релаксираат, зошто после напорен работен ден добра смеа е секогаш добродојдена, а тоа често го правиме сите заедно во кругот на смејството. Вистински љубител сум на книга, имам огромна библиотека и уште од малечка ја имам навиката за читање на книга а тоа го правам и до ден денес. А за добар сон секогаш ми се тука моите деца. Ние сме семејство каде децата навистина сакаат да се гушкат, и тие мигови на гушкање и размена на енергија за добар сон се нешто кое сите го сакаме и го практикуваме. 


(*Наталија Мановцева Славкова, Координатор за наплата и грижа на корисници во Кроација Осигурување Живот)