Утринско кафе со Наташа Ј.Торевска: Само да сме сите здрави и среќни, друго ништо не ми треба

Од понеделник до петок се будам рано, всушност го вклучувам сонцето... Да се прави утринска програма подразбира да станеш, да се средиш и најважно да се расониш пред сите. Штом станам, веднаш следува туш, па подготовка на јако кафе кое го пиеме со сопругот ако успее да се разбуди, ако не ќе го пие ладно... Мијам овошје, цедам сокови, се пакувам и се движам кон работа. 

Ако дозволува времето се дружам со мојот велосипед што дополнително ми помага да се раздвижам и да бидам свежа за позитивна енергија во етерот. Во 8:00 стартува мојата четиричасовна емисија. Во тој период без оглед на се мора да бидам ведра, насмеана, информирана, да пренесам убава емоција, просто-да им го разубавам денот на моите слушатели. Кога ќе заврши емисијата, ако има потреба снимам или осмислувам раклами. 

Попладне времето 100% му го посветувам на синчето и се адаптирам на неговите обврски и потреби. Навечер со друштво или сами со сопругот задолжително наздравуваме со винце и вкусно мезе.


За викенд спијам подолго, а после тоа следува квалитетно поминато време со семејството, прошетки, разговори, посета на испланирано место и дури да трепнеш пак дошол понеделник.
Тоа е животот, обожавам да читам книги, сакам масажи, шопинг и патувања со најсаканите. Само да сме сите здрави и среќни, друго ништо не ми треба.

(Наташа Јанкулоска Торевска дипломиран менаџер по односи со јавност, новинарка во Скај радио)