Утринско кафе со Наташа Стојковска: Ме мотивира утрото

Најдоброто будење е кога ќе дозволите сончевите зраци да продрат внатре во собата а јас избрав токму така да се будам, дури и кога нема сончева светлина, едноставно дневната светлина ме буди. Затоа што тоа го практикувам долго, често мислам дека од таму потекнува моето целодневно расположение и енергијата. Првото нешто што го правам по станување од кревет е пиење чаша вода, по што следи и утринскиот ритуал и сето она што го подразбира. Овој дел често ми поминува незабележано и верувам дека секогаш е по истиот редослед. Утринското кафе во комбинација во витаминска доза од чаша Цевитана, го пијам сама кога ќе стигнам на работа, додека го прелистувам дневниот распоред и она што ми следи. Мислам дека тогаш најмногу уживам во кафето. Во деновите од викендот, утринското кафе го пијам со сопругот и тој е задолжен да го подготви, заедно со една чаша смути.

Пред години кога моите деца беа помали, некако секој поттик и мотивација произлегуваше од нив, се што работев и правев беше за нивната љубов, нивното добро, нивната иднина. Денес пак, изворот го наоѓам во себеси и се мотивирам од сопствената визија за резултатот, за постигнатото. По природа сум оптимист и во секоја работа влегувам со позитивна мисла дека што и да ми е во план да направам, ќе биде добро, па така имајќи го резултатот пред мене – навистина се поттикнувам и мотивирам. Во суштина тоа се промените, сакам промени и тие најмногу ме мотивираат.

Колку и да звучи невозможно, сепак според мојот распоред, денот делумно ми е испланирам од вечерта, барем кога станува збор за обврските. Со оглед на тоа што во мојата работа се е поврзано со планирање и организирање, морам да бидам чекор понапред, затоа деталниот распоред ми е главната алатка. Понатаму, сè се врти околу договори, преговори, средби и состаноци.

Интересно е дека како што ни се менува текот и динамиката на животот, приклонуваме кон различни рутини. Секојдневието е секогаш подредено на актуелните потреби, случувања, а исклучоците и отскокнувања од оваа рутина секако изненадуваат. Но затоа пак, доцна попладне и вечерта е секогаш флексибилно и опуштено. И точно затоа немам некоја воспоставена рутина, напротив се трудам секој ден да биде различен од претходниот. Во суштина правам тоа што во моментот ми прави задоволство, дали кафе со пријатели, вечера, театар, некогаш дури и прошетка без друштво одлично ми годи, но сепак во придружба на моето куче Арес.

Убавината на вечерните часови е тоа што ја имаш слободата да избереш што сакаш да правиш во моментот. Некогаш ноќта е создадена за читање книга што најчесто го практикувам пред заспивање, а некогаш и за филм изгледан во друштво. Викендите се најчесто посветени на вечерни дружби и излегувања со пријателите. А посебна магија, барем лично за мене има моментот кога едноставно се препуштам на саканата музика во комбинација со чаша коњак или црвено вино, па често навечер го правам точно тоа.