Утринско кафе со Никола Димовски: Лојален вработен кој сака да расте заедно со компанијата е клуч за успехот

Во денешно време клучна особина е да знаеш да менаџираш со времето, само така ќе го намалиш стресот во секојдневието. Токму затоа јас не притискам „snooze“ на алармот и правило број еден ми е никогаш да не доцнам на работното место.

Со сопругата работиме локациски на исто место, па заедно одиме натаму, но сепак првото утринско кафе го пијам на работа.

Искрено, немам ритуали. Обврските коишто чекаат на мене наметнуваат кафето да го пијам на работното биро заедно со вработените од мојот сектор, со кои правиме договор како најефикасно да се справиме со сите задачи за тој работен ден.

Се дефинираат планови за организација на работниот процес и тековните обврски, како и теренска посета на нашите соработници.

Позитивната енергија која владее меѓу нас е клучна за нашиот успех. Да си ја сакаш работата и да имаш елан за неа, надополнето со макотрпна работа е вистинскиот рецепт. Кај нас го има и тоа и тоа, па не е ниту чудно што од ден на ден интензивно растеме како компанија на осигурителниот пазар.

Да се работи во познат и докажан бренд како „Кроација Осигурување“ е вистинско задоволство. Уште погорд ме прави тоа што можам со задоволство да кажам дека цели 11 години сум дел од оваа приказна, која станува поуспешна од година во година.

На дневна база ме мотивира соочувањето со секојдневните нови предизвици околу работата, кои реално прават да растам и да се надградувам. Јас не се смирувам со „не знам“ и „не можам“, туку мотото ми е дека ништо не е невозможно, дека секој ден е ден за учење на нешто ново и докажување како пред самиот себе, така и пред колективот.

Несебично знам да дадам поддршка и на колегите од другите сектори. Да се биде личност на која речиси секој од вработените во некој миг ѝ се има обратено за совет е посебна чест и задоволство за мене и признание за мојата стручност и информираност за тоа како се одвиваат апсолутно сите процеси во нашата компанија.

Секако, остатокот од денот е посветен на мојата сопруга. Работиме во сосема различни сфери, но со задоволство разменуваме искуства од тековниот ден и искрено си упатуваме критика, без разлика дали позитивна или негативна, за начинот на кои сме се справиле со одредени работи и на тој начин во голема мера си даваме поддршка еден на друг. Со конструктивна критика едноставно растеме еден покрај друг.

Излегувањата ни се секојдневие, без разлика дали станува збор за филмски кинопроекции, новоотворен локал или едноставно возење велосипеди, додека пак викендите ни се резервирани за патување на некоја подалечна дестинација.

Исто така, ги обожаваме викендите што ги минуваме во природа и правиме мини пикник со кафе во термос, јамб и карти среде полјана. Ништо не ги полни батериите подобро од природа. Апсолутно секој слободен миг ни е резервиран за тоа.

*Никола Димовски – менаџер за управување со надворешна продажна мрежа во Кроација Осигурување