Утринско кафе со Никола Миланоски: Трчањето за мене е уживање

Мојот ден започнува скоро секогаш многу рано, се будам најчесто во 6-7 часот и секако денот ми започнува со неколку здрави вежби за раздвижување на телото, а потоа следува домашен сок од микс на неколку овошја и турско кафе кое понекогаш бидејќи работам во смени, го пијам во дружба со колегите, а понекогаш во својот дом со најблиските. 

После овие утрински ритуали во зависност од работните обврски следува и тренинг со трчање на неколку километри. Како голем вљубеник во атлетиката која воедно е и моја голема страст и опсесија, сето тоа го правам со голема љубов и мотив за постигнување на нови лични рекорди. 


Најголема сила и мотив за реализација на сите мои желби и идеи е љубовта и поддршката од најблиските, без кои секој човек не би бил тоа што е, ако не ја добива нивната оптимистичност во погледите на животот. 

Дневните обврски ми се менуваат во зависност од работните обврски со оглед дека работам во различни смени, но секако дека после работата најважна обврска која ми е на врвот од листата е да одам да трчаам и да уживам, а секако сето тоа со надеж за постигнување на некој нов личен рекорд на некоја трка. 


Минатите 2 години имам учествувано на неколку трки на 5 и 10 км во Охрид, Битола и Скопје каде што најголемиот успех го имам постигнато во Битола 36 место од 223 учесници, а најголемо возбудување за мене лично беше предизвикот да истрчам на Скопскиот полумаратон во 2020. 

А, како дел од дневните обврски би ја споменал и мојата пасија кон готвењето. 


Порано во средношколските години гледањето на филмови ми беше пасија, но во последниве неколку години тоа се промени со читањето на книги. Како вљубеник на позијата често читам поетски збирки, а исто така омилени жанрови ми се и љубовните романи и трилерите. 

За крај на ова наше дружење би истакнал дека минатата 2020 учествував на неколку литературни конкурси со мои песни поезија каде што имав добиено 1 и 2 награда.


( Никола Миланоски - атлетичар од Кичево)

Фото: Лична архива Никола Миланоски