Утринско кафе со Николина Андова-Шопова: Со затворени очи ги исцртувам патеките што треба да ги изодам

Денот ми почнува со тишина. Пред да станам, лежам на креветот неколку моменти и со затворени очи ги исцртувам патеките што ќе треба да ги изодам во текот на денот. Утринското кафе го пијам со разни луѓе, во зависност од околностите. Понекогаш со својот сопруг, понекогаш со колешка од работа, а многу често во раката носам чаша со кафе, така што го пијам со еден куп други луѓе со кои се разминувам на улица.

Обврските се едно, плановите се друго. Најдобрите комбинации се случуваат кога овие две нешта ќе се спојат и ќе станат едно. И кога ќе се изедначи „сакам“ со „морам“.

Мотивацијата може да се најде насекаде. Насмевката на синот или некоја нова негова јазична конструкција која секогаш ме потсетува дека секој ден е само писта за полетување кон нешто ново, некој притаен шум во скопската парк-шума Гази Баба, откривањето на некој странски или домашен писател..

Секој ден си има своја приказна за добра ноќ. Понекогаш таа ја раскажувам со семејството, понекогаш со пријателите, многу често на некој културен настан. Од пред некое време си воспоставив нов ритуал: да си прочитам барем една песна пред да легнам в кревет. Сакам кога нејзиниот живот почнува од крајот на јавето, а продолжува до длабоко во сонот.

Секако, добрата литература и добриот филм се еден од најпристојните начини во ова време на тривијалност и да се удри шамар во лицето на таа површност.

* Николина Андова - Шопова, професорка по македонски јазик и писателка